Средствата од концертот на финалистите на Икс фактор одат за настраданите од поплавите

19 мај 2014

Севкупната заработка на МБК продукција од концертот што финалистите на Икс фактор ќе го одржат во салата „Борис Трајковски“ на 7 – ми јуни, ќе биде наменета за помош на настраданите од катастрофалните поплави што изминатиов период ги зафатија Србија и Босна.

На денешната прес конференција на која дел од финалистите, меѓу кои и победникот Даниел Кајмакоски, првата дама на МБК продукција, Сандрина Андиќ, информираше дека ќе им биде огромно задоволство што ќе можат барем малку да придонесат кон олеснување на последиците од оваа катастрофа.

Снеже Велков пак, посочи дека и дел од средствата од македонските организатори (Мк Тикетс и Сител ТВ) ќе бидат донирани, но точната сума дополнително ќе биде објавена.

Таа посочи дека официјално, се планира на големиот концерт да настапат сите 12 финалисти, но и дека доколку се случи нешто непланирано, тоа не е во нивна надлежност.

„ На концертот на 7 – ми јуни ќе настапат „Доктори“, Даниел Кајмакоски, Илма, Тамара, Младен, Маја, Лукијан, Фифи и Маринела, Александра Брковиќ, Алекса, Маид, Харис и женската група 4U. Она што сакам да го соопштам е тоа дека деца до пет години нема да плаќаат влезница“, вели Снеже.

Најголемо внимание и денеска предизвика победникот на Икс фактор, шармантниот Даниел Кајмакоски, кој сега, откако стивна целата еуфорија  и се заблагодари на Македонија за огромната поддршка во текот на целото шоу и посочи дека ќе ги исполни сите очекувања на големиот концерт.

„Драго ми е што првиот концерт после Икс фактор ќе биде токму во Македонија. Се надевам дека сите ние ќе ги исполниме вашите очекувања. Можам да кажам дека интензивно работиме на тоа кој ќе биде мојот прв сингл и на кој јазик ќе биде истиот, а јас се надевам и ќе ми биде многу драго, доколку на концертов ќе можам да ја претставам мојата прва песна. Икс фактор ќе го паметам како нешто најубаво што ми се случило во животот и секако дека ми недостасува“, изјави Даниел на денешната прес конференција.

На прашањето дали би ја претставувал Македонија на следното издание на Евровизија кое треба да се случи во Австрија, Даниел вели дека би го сторил тоа, но само доколку неговата земја го побара тоа од него.

„Многу би било интересно, ако можам да ја претставувам Македонија на Евровизија во Виена. Таму живеев 25 години и знам дека тие се многу горди на победата. Би било многу интересно доколку настапувам и ја претставувам Македонија, доколку и вие тоа го сакате. Во последните години интересот за Евровизија ми се повлече некако, почнав да ја гледам Евровизија на различен начин, но доколку Македонија сака да ја претставувам секако дека ќе одам, иако не сум сигурен дали сега, во овој момент од мојата кариера треба и сакам да одам на Евровизија“, вели Даниел.

Она што многумина ги интересира, е секако дали картите од претходно најавуваниот концерт на Кики Лесендриќ и финалистите од Икс Фактор, можат да се искористат и дали истите ќе важат и за овој концерт. Од организацијата соопштуваат дека истите нема да важат со едноставно образложение дека овојпат станува збор за сосема поинаква организација (МБК продукција) која што ја има лиценцата за одржување и организирање и на самото шоу првично.

На концертот ќе бидат испеани некои од најдобрите песни од лајв настапите на финалистите, но оние кои што имаат веќе подготвени сопствени песни (како Фифи и Маја Новаковиќ) ќе ги изведат и тие.

Засега, ова ќе биде единствениот концерт на финалистите на Икс фактор во регионот, а како што информираат и од организацијата, иако се планирало следниот концерт да се одржи во Босна, поради состојбата во регионот, не сакаат ништо да ветуваат. Она што тие го соопштија е дека секако се расположени за било каков настан, концерт или акција од хуманитарен вид преку кој ќе им се помогне на настраданите од регионот.

Мислењето го сподели и Даниел, кој посочи дека би прифатил секаков хуманитарен настап и учество во акција во која би помогнал на настраданите во катастрофалните поплави што ги зафатија Србија и Босна.

Објавено:
19 мај 2014
Категорија: 
Актуел