Деликатни декорации од витраж: Самовилската стаклена естетика на Кара од Glimpse Glass

19 август 2022

Рачно изработениот декор секогаш зрачи поинаков, потопол и персонализиран шарм, без разлика на техниката со која се изработува или пак материјалот кој се користи.

Па така, денес се одлучивме да посветиме малку повеќе внимание на волшебниот Инстаграм профил на Кара од Glimpse Glass која изработува декор од обоено стакло - витраж, користејќи ја природата како инспирација.

Деликатните цветни дизајни обрабени во бакар, го одзимаат здивот со нежна палета на пастелни виолетови, сини, розови и зелени нијанси кои неодоливо асоциират на самовилски накит.

Секое парче е рачна изработка, а техниката која Кара ја користи при процесот се нарекува Тифани техника и подразбира рачно сечење на обоеното стакло, фолирање со бакар и внимателно лемење на елементите едни за други со цел да се постигне посакуваниот резултат - цветни венци, ѕидни декорации, декорации за во вазна, за на полица или пак специфични декорации инспирирани од конкретен празник или повод.

Кара, по потекло од Калгари, Алберта, создава предмети од витраж веќе 20 години, откако ги научила основните техники во средно училиште, а потоа го усовршила занаетот со уметници од нејзиниот роден остров Ванкувер.

Таа, на својот Инстаграм профил ги споделува предметите кои ги изработува со огромно внимание и љубов, а честопати споделува и видеа од самиот производен процес, проследени со информативна содржина поврзана со начинот на изработка, потеклото на стаклото, како и неговите карактеристи и статистики за реткост кои понатаму ја одредуваат цената на производот.

Погледнете како изгледаат нејзините креации.

Објавено:
19 август 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
185 пати