На денешен ден, 29. април, се прославува Светскиот ден на танцот. По тој повод танцовиот одбор на Македонскиот ИТИ Центар го избра Александар Хаџиманов (танчер, кореограф и танцов едукатор, МОБ Скопје) за автор на македонската порака по повод денот на танцот, а ви ја пренесуваме во продолжение:
View this post on Instagram
„Танцот датира од почетокот на праисторијата и е наменет да се умилостиват боговите, да подарат подобро време и доволно храна. Грчкиот театар се појавува 500 год. п.н.е. со „Дитираме" кој се состои од песни и танци. Во Рим, 20 год. п.н.е. , се прикажуваат пантомимски претстави во соло изведби, кои со помош на музика, костими, маски претставуваат цели трагедии или митови. Понатаму танцот е застапен преку костимирани изведувачи на улици, како и одредени свечености,сценски прилагодени верзии на општествени танци од тоа време, за во втората половина од ХVII век во Париз биде отворена балетската академија, од кога балетот станува професионална уметност.
Зависно од социјалните, политичките и економските услови, секоја епоха понудува соодветна форма на претставување на уметноста на танцот, кој е во непрекинат развој, на пример, дворскиот балет го карактеризира раскошен костим, симпатичност, достоинствен и одмерен настап. Понатаму на сцената се поставуваат претстави во кои се вклучени содржина и чувства. Романтичниот балет, во кој се игра на врвовите од прстите, истакнува лирска и етерична игра на балерината, а класичното наследство на академскиот балет е застапено до денес.
Претставувањето на слободни танци и отстапувањето од класичните форми со појавата на нео-романтизмот ја отвара епохата на модерниот танц кој го отфрла традиционалниот принцип на класичниот балет; открива други облици на движење, прилагодени на современиот живот и ја поттикнува креативноста и чувството на поединецот за сопственото искажување. Инвентивноста и посветеноста понатаму ќе ни донесат уште многу нови нешта во танцот, а нам ни преостанува да се препуштиме на доживувањето; и за крај ќе го цитирам Жан Жорж Новер: „танцот го споредувам со најубавото во природатата.".
Хаџиманов е вработен во балетот при Националната Опера и Балет во Скопје од 1969 год. во кој како солист учествува во репертоарот и толкува соло, II и I улоги. На специјализација за педагогија при кореографското училиште "Ваганова" во Санкт Петерсбург – Русија престојува во учебната 1987 – 1988 год. Работи како кореограф во драмски претстави. Директор на балетот при НОБ во период од 1989 – 1993 год. Од 1995 е активен во извршниот одбор на дирекцијата за култура на град Скопје, каде е вклучен и како извршен продуцент на одредени проекти. До денес е член на собранието на дирекцијата за култура и уметност на град Скопје.
Меѓународниот одбор на мрежата на ИТИ УНЕСКО го избра јужно африканскиот кореограф, танчер, танцов едукатор и актер Грегори Макома, за автор на светската порака.
„Тоа беше за време на едно интервју направено неодамна; поради кое морав да размислувам длабоко за танцот; што ми значи танцот? Мислев каков одговор да дадам; затоа морав да го разгледам моето животно и професионално патување и сфатив дека се работи за целта и дека секој ден претставува нов предизвик со кој треба да се соочиме; а јас преку танцот се обидувам да ја согледам таквата смисла за светот.
Поминуваме низ незамисливи трагедии, во време кое најдобро би можел да го опишам како постхумана ера. Повеќе од кога било, треба да танцуваме со цел, да го потсетиме светот дека човештвото сè уште постои. Целта за човечност и емпатијата треба да го совладаат, овој, со години наталожен неопореклив виртуелен пејзаж на расипништво, што не довел до катарзата на универзалната тага - освојувајќи ја тагата, оваа тешка реалност продолжува да го толерира животот кој се соочува со смрт, отфрлање и сиромаштија. Нашиот танц повеќе од кога и да е им даде силен сигнал на светските лидери и на оние на кои им е доверено чувањето и подобрувањето на условите за човечност; дека ние сме војска на бесни мислители, и нашата цел е таа што се стреми да го смени светот истрајно и чекор по чекор кон подобро.
Танцот е слобода и преку нашата изградена слобода, ние мора да ги ослободиме другите – заробените кои се соочуваат со материјални и духовни зандани, во различни страни на светот. Танцот не е политички, тој станува политички затоа што во своите влакна носи човечка врска и затоа реагира на околностите во обидот да го врати човечкото достоинство. Додека танцуваме, со нашите тела, негодувајќи им на неправдите на овој свет, во вселената ние се поврзуваме заедно, стануваме движечка сила од проткаени срца; ние ги допираме душите и овозможуваме исцелување, а тоа е толку многу и очајно потребно. Целта станува единствен хидроглав, непобедлив и неделив танц. Сè што ни треба сега и тука, е да танцуваме уште, секогаш и бесконечно !!!!“.
View this post on Instagram
Вујани Макома се заинтересира за танцување во доцните 1980-ти, во танцот тој препозна средство за избегнување на политичките тензии кои се наголемуваа во неговото место на раѓање. Тој го започна својот официјален едукативен тренинг за танц во 1990 година на Moving Into Dance, каде што во 2002 година потоа, станал вонреден уметнички директор.
Во меѓувреме Макома се етаблира како меѓународно познат танчер, кореограф, учител и режисер. Тој го основа Vuyani Dance Theatre (VDT) во 1999 година, кога со стипендиска поддршка престојуваше на Факултетот за истражување и обука на изведувачките уметности (ПАРТС) во Белгија, под менторство и режија на Ана Тереза Де Кирсмакер. Макома е почитуваи н поради неговите соработки со уметници од својата генерација како Акрам Кан, Винсент Манто, Фаустин Линјекула, Дада Масило, Шанел Винлок, Сиди Ларби Черкауи, Ниланхла Махлангу и директорот на театарот James Ngcobo. Неколку дела од неговиот танцот репертоар освоија меѓународни признанија и се стекнаа со меѓународно реноме.
Во ова се вклучуваат и наградите FNB Vita Choreographer на годината во 1999, 2001 и 2002 година за Rhythm 1.2.3, Rhythm Blues and Southern Comfort. Тој ја доби и наградата Standard Bank Young Artist за танц во 2002 година. Макома беше финалист на наградата Daimler Chrysler Choreography во 2002 година и во Програмата за менторство на Ролекс во 2003 година. Тој е добитник на наградата Tunkie во 2012 година за лидерство во танцот. Во 2014 година ги доби наградата Bessie за најдобра премиера и наградата сна Њујорк Сити - Exit/Exist за оригинална музичка композиција.
Тој беше еден од поттикнувачите на иницијативата на Ролекс за Уметноста 2016-2017 година, како и одговорен за курирање на Главната програма за танцување на Националниот уметнички фестивал во 2017 година. Неговите тековни дела „Преку Канана" и „Цион: Реквием на Болеро на Равел" во моментов се на турнеја во Африка и Европа. Во 2017 година, француската влада го награди Макома со наградата Chevalier de l'Ordre des Arts et des Lettres (Витез на уметностите и литературата). Во 2018 година беше почестен од Министерството за уметност и култура во Јужна Африка со инаугуративната награда Усиба за посветеност во танцовата настава. Во 2018 година Макома станува еден од избраните уметници во резиденција на Одделот за танцување на универзитетот Вирџинија, Комонвелт, како и гостин наставник во Еколе Де Сабле - Тобаб Дијалав во Сенегал.
Макома е дел од изборната комисија за Dance Biennale Afrique Festival што ќе се одржи во Маракеш во 2020 година. Во 2018 година Макома соработуваше со Вилијам Кентриџ како кореограф и настапуваше во операта на Кентриџ The Head And The Load која премиерно се изведе во модерната галерија Тејт во Лондон во јули, а потоа гостуваше во Германија, Австрија, Холандија и Њујорк, САД. Во 2019 година Макома соработуваше со Идрис Елба и Кваме Квеј-Армах во продукцијата Дрво, продуцирана од Меѓународниот фестивал Манчестер и Младиот Вик.