ЕУРМ прослави 15 годнини постоење со „Девет дизајнерски соѕвездија“

4 јуни 2015

Во присуство на пријатели, соработници, студенти, како и љубители на уметноста, тимот на Европскиот универзитет вчера прослави, 15 години постоење.

Јубилејот го одбележаа со годишната изложба на студентите од Факултетот за Арт и дизајн, па сите оние што вчера се најдоа во Културно информативниот центар можеа да видат дел од фотографиите, цртежите, креациите и различните видови на дизајн...

-Факултетот за Арт и дизајн, во рамки на ЕУ, слави девет години постоење. Од друга страна 15 години ЕУ, како прв приватен универзитет. Размислувавме во која форма да го прославиме овој јубилеј, бидејќи Факултетот за Арт и дизајн секогаш јавно, убаво и креативно ги презентира своите работи, ги споивме овие две работи – вели деканката на Факултетот, Јана Манева Чупоска.

Изложбата е насловена како „Дизајн: 365/9* - девет дизајнерски соѕвездија“ и носи своја симболика:

- Девет соѕвездија значи девет години постоење и цела година убава и креативна работа, љубов, луѓе што ја сакаат уметноста. Тоа е бројка што кажува дека ние целосно сме влезени  и активни во дизајнот – објасни Чупоска.

До присутните се  обрати и основачот на Универзитетот, господинот Бојо Андрески, како и дел од професионалниот тим, кои изразија радост и задоволство за јубилејот, ветувајќи дека и во иднина ќе се потрудат да го одржат квалитетот.

-Мислам дека одиме во вистинска насока да се развиваме во уште подобар универзитет и факултет. Интересот е голем, самиот факт што и публиката доаѓа во ваков голем број на нашите изложби го покажува тоа. Секако дека овие изложби се интересни за оние што се сопственици на различни студија, текстилни фирми и слично, што ги следат младите таленти и на вакви настани ги „ловат“, како нивни потенцијални вработени. Тоа оди едно со друго – ни изјави Јана.

Двете галерии на КИЦ, реновирани и климатизирани, се покажаа како одличен избор за ваков тип на настан, како и надворешниот дел, каде имаше и коктел забава, а за добрата атмосфера се погрижи диџејката, Марга Сол.

Во продолжение погледнете дел од атмосферата:

Објавено:
4 јуни 2015
Категорија: 
Култура