Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет, неодамна во Културно-информативниот центар ја одржаа 11-тата годишна изложба.
Студентите од овој факултет, едуцирани за дизајнери од областа на графичкиот, модниот и дизајн на ентериер ја заокружија изминатата возбудлива академска година презентирајќи ја својата работа преку изложбата насловена „Јаготка на шлагот“.
Имајќи ја предвид успешната година зад себе, каде се реализираа креативни наставни активности, збогатени со значаен број проекти, работилници, изложби, модни ревии, посети на музеи и галерии, награди, како и дружење со важни гости и визитинг професори од Македонија и надвор од неа, ова навистина за нив беше јаготка на шлагот. Изминатава академска година, студентите од факултетот за Арт и дизајн беа дел од меѓународниот проект „Дизајн пракса“ во рамки на програмата Еразмус плус, потоа нивната работа ја видовме и на Скопската недела на дизајн и на Модниот викенд Скопје, а освоија и две од трите главни награди на конкурсот за дизајн на плакат за туристичка промоција на Р. Македонија, учествуваа на фестивалот Скопје Креатива и на Младинскиот пролетен салон, а во КИЦ уште еднаш се претставија пред домашната публика заокружувајќи ја својата досегашна работа.
Во неа земаа учество студентите од прв и втор циклус.
Своите впечатоци ги сподели и проф. д-р Јана Манева - Чупоска:
-Студентите и овој пат докажаа дека наставничкиот кадар на ФАД се вложува многу во студентите. Имаше позитивни критики во однос на изложените дела, а изложбата беше посетена и од институции и приватни фирми кои своите идни вработени ги гледаат во студентите. Еден од императивните на нашиот факултет е студентите освен задолжителните предмети што ги учат, да знаат начин како својот дизајн да го презентираат и продадат. Дизајнот мора да провоцира, а сметам дека преку нашата изложба тоа и го направивме – изјави Манева - Чупоска.
Таа додаде дека смета дека ваквите изложби, покрај тоа што претставуваат збир на едногодишниот труд на студентите и професирите, се и единствен начин јавно да се презентираат успесите на факултетот и студентите.
-Дизајнот е јавна работа и јавноста мора да го види, а студентите треба да знаат како да го претстават – вели деканката.
Во продолжение погледнете и како изгледаше изложбата: