Фондацијата Елена Лука ги мотивира средношколците со стипендии

31 август 2016

Денеска во Фондацијата Елена Лука им беа доделени стипендиите на петте ученички кои беа одбрани во рамките на проектот Програма за стипендирање на девојчиња и млади девојки од рурални средини „Планирај ја својата иднина".

Право на конкурирање имаа ученички кои се запишани во прва година во средно училиште, од општините: Лозово, Могила, Центар Жупа, Чашка и Град Скопје.

Кандидатките за кои комисијата одлучи дека ги исполнуваат критериумите се:
Марина Нешевска од Општина Могила, Кристина Пановска од Општина Чашка, Катерина Ангелова од Општина Лозово, Јасмина Лимановска од Општина Центар Жупа и Габриела Гани од Скопје и тие се добитнички на стипендија за учебната 2016/2017 година.

Како што посочуваат од Фондацијата Елена Лука целта на овие стипендии е да ги мотивира одличните ученици да го надоградуваат својот успех во образованието и на тој начин да вложуваат во себе како бесценета инвестиција за нивната посигурна иднина.

„Фондацијата Елена Лука одлучи да го реализира овој проект за да ги подобри можностите за образование и развој на девојките од рурални или неразвиени средини. Избравме ученички кои ги исполнуваа критериумите од објавениот конкурс на Фондацијата Елена Лука. Проектот истовремено цели и кон кршење на стереотипите за улогата на жената во јавниот и приватен живот, бидејќи, за жал, во руралните средини каде овие стереотипи се подлабоко вкоренети", изјави Благордна Шопова, координатор на проектот од Фондацијата Елена Лука.

Инаку, право на стипендија остварија кандидатките кои ги исполнија критериумите кои беа пропишани во објавениот конкурс и при рангирањето на кандидатите беа земени предвид успехот на ученичките и месечните примања во семејството.

Во рамките на истиот проект, Фондацијата ќе им додели стипендии и на пет студентки на додипломски студии, а конкурсот е во тек и ќе биде отворен до 30. септември.

 

Објавено:
31 август 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.071 пати