Јелена Бачиќ Алимпиќ: И покрај предавството, на крајот само љубовта ја враќа надежта и вербата

3 јуни 2014

Познатата водителка, новинарка, уредничка, професорка по книжевност и писателка позната по своите бестселери „Рингишпил“ и „Писмот0 на Госпоѓа Вилма“, Јелена Бачиќ Алимпиќ, денеска во хотелот Александар Палас дојде да ја промовира својата најнова книга „Последната пролет во Париз“. Нејзините претходни два романи беа одлично прифатени од македонските читатели, а истото се очекува да се случи и со новиот роман.

На прес конференцијата што наликуваше повеќе на една необична дружба, се дебатираше за надежта, вербата во љубовта, првите вистински љубовни приказни во нашите животи и емоциите кои барем еднаш во животот не натерале да веруваме дека сме го запознале вистинскиот човек со кој што сакаме да го поминеме целиот живот. Во приказната за „Последната пролет во Париз“ ни ја раскажа  водителката Ирена Спировска, која во своето излагање не можеше да ја сокрие својата воодушевеност од самото дело и мошне емотивно ги заинтригира присутните што побрзо да ја прочитаат неверојатна животна судбина на главната хероина Марија Колчек.

„Би сакала да прочитам една реченица која е дел од писмото на Марија Колчек, чија што животна приказна е раскажана во „Последната пролет во Париз“. Токму од тоа писмо почнува се, тоа писмо е предизвик по кој младата новинарка Олга оди да се сретне со Марија за да ја слушне нејзината неверојатна, но вистинита животна приказна, која го менува животот на оваа млада жена. Писмото е убаво, но посебно би ја издвоила реченицата: „Трагедија на животот не е смртта, туку сето она што умрело во нас додека сме живееле“. Книгите на Јелена и приказните не потсетуваат на тие убави работи во животот кои што треба сите да ги зачуваме. Ова е приказна за жената која што живеела со спомените и заминала со спомените, а токму спомените се најубавото и највредното нешто што го имаме и ние во животот, а не само хероите на Јелена Бачиќ Алимпиќ“, откри Спировска.

Претставникот од Матица Дејан Павлевски исто така беше особено почестен што конечно новиот роман на Бачиќ ќе биде промовиран во Скопје.

„Јелена во книгите се дистанцира од биографските моменти. Таа ги претставува сопствените гледишта за спомените, љубовта или животот, затоа нејзините хероини се толку моќни“, вели Павлевски.

Јелена на присутните им откри дека таа не е постмодернистичка писателка и дека нејзините романи не пишуваат за спонзоруши, силикони и естрада. Таа пишува лирски, а потврда за тоа е и новиот роман на кој работела цели две години. Како инспирација и послужил еден епитаф кој што го прочитала на надгробна плоча во Париз, а гласи вака: „Живееше со спомените и замина со спомените“:

„Тој споменик го видов пред десет години и некаде во потствеста ја меморирав таа реченица. Кога почнав да размислувам за што би можела да пишувам во мојот трет роман, а сакав да излезам од овие простори за разлика од претходните две книги, тогаш се сетив дека од секогаш ме фасцинираше темата за Гулаг и воопшто руски класици и се сетив на таа реченица. Па, така кога со ќерка ми бев во Париз ми се роди идеја да напишам приказна за судбината на една жена која е емигрант од Сталиновата Русија, која го преживеала Гулагот и која тргнува во потрага за своето загубено дете... Ете таа реченица беше само мал стимул, кој ми послужи потоа да развијам една приказна“ ни раскажа Јелена.

Во неколку наврати на промоцијата посочи дека „Последната пролет во Париз“ е нејзино најзрело дело досега, но кога би одбрала помеѓу трите романи кои досега ги напишала сепак би се одлучила за „Рингишпил“- нејзиното првенче.

„Мислам дека оваа книга е најзрело дело досега, затоа што многу се посветив на приказната и истражував, многу читав, водев сметка за тоа да ги составам сите историски податоци во една целина, за да биде се веродостојно, но и жанровски да подредам се. На пример еве, „Рингишпил“ е мелодрама, „Писмото на госпоѓа Вилма“ е љубовно семејна драма, а оваа книга „Последната пролет во Париз“ жанровски навистина не можам да ја одредам. Можеби до некаде можам да ја окарактеризирам  како историска драма, но има и елементи на трилер. Во неа има буквално се, дури и теорија на завера и целата таа шпионажа и преданост кон една идеологија и лаги и надеж и верба, навистина полна и сеопфатна, а со самото тоа и најзрела.

Навистина е тешко да се одлучам која од трите книги ми е најдрага, бидејќи за секоја сум посебно врзана. Сè уште сум во Париз, иако во главата веќе ја разработувам мојата четврта книга, не можам да почнам да ја пишувам, сè уште сум врзана за Марија Колчак, навистина силно се врзувам за своите хероини. Можеби секогаш и засекогаш Рингишпил ќе остане број еден, не само затоа што ми е првенче него затоа што тоа е моето најинтимно сведоштво. Просто со таа книга потполно се соголев себе така што таа секогаш ќе зазема посебно место во моето срце“, раскажа писателката.

Нејзин омилен писател е Достоевски но, ги обожава и делата на Толстој, Гогољ и Булгаков, особено книгата „Мајсторот и Маргарита за која вели дека е нејзина библија. Уште еден интересен факт е што најновиот роман почнува со кратка мисла на францускиот писател Анри де Монтерлан која вели:

„Во младоста човек треба да љуби, во зрелоста да пишува книги, а на стари години да ја каже вистината“.

Ние ќе завршиме со оваа кратка мисла со надеж дека во иднина Јелена ќе ни напише уште многу приказни, пред да ја слушнеме конечната вистина.

Објавено:
3 јуни 2014
Категорија: 
Култура