Македонската опера и балет е во потрага по најталентираните кандидати кои ќе ги толкуваат двете главни улоги (машка и женска) во мјузиклот посветен на Тоше Проески насловен „Тајно моја".
Аудицијата ќе биде концепирана во форма на кастинг талент шоу кое ќе биде емитувано на една од нашите национални телевизии, а двете полуфинални и главната вечер ќе бидат изведени во живо на сцената на МОБ во придружба на Симфониски оркестар.
Освен музичкиот талент, од кандидатите се бара да поседуваат и актерски и танцувачки способности, додека во однос на возраста ограничувања нема.
До сега потврдени членови на жирито што ќе ја прави селекцијата на кандидатите се маестро Игор Џамбазов кој веќе има претходно искуство во ваков тип на шоуа, како и оперскиот пејач и директор на МОБ, Игор Дурловски.
„Имавме потреба од нови талентирани лица за овој мјузикл и токму затоа одлучивме дека еден од најсоодветните начини е да направиме едно кастинг талент шоу. Се работи за проект што го организира МОБ заедно со 3Д Проект студио. Разликата во однос на другите шоуа од овој тип е тоа што од кандидатите ќе се бара да поседуваат и актерски и танцувачки способности, покрај музичкиот талент" изјави Дурловски на денешната прес конференција.
Тој додаде дека кандидатите што ќе бидат избрани во рамките на овој кастинг ќе имаат можност својот музички потенцијал да го развиваат на сцената на МОБ и дека од оваа институција може да ја очекуваат комплетната поддршка.
„Идејата да бидам дел од овој проект, што го поттикнала Дурловски, се можеби моите јавни коментари за тоа колку сме преплавени од напливот на странските, особено балкански шоуа за избор на таленти и потребата ние сами да си направиме такво шоу. Мислам дека ова е вистинско место со вистински луѓе, супер оркестар и воопшто тим, сценографи, костимографи и се она што е поврзано да ја реализираме оваа идеја до крај. Песните што ги отпеа Тоше Проески ќе звучат сосема различно. Кокан Димушевски и Сони Петровски изработуваат сосема нови аранжмани кои морам да кажам дека звучат величествено. Идејата е да избереме едно момче и една девојка кои ќе бидат дел од овој мјузикл, а јас сум повикан во жирито како човек кој играл во неколку мјузикли вклучително и во еден од првите мјузикли на нашите сцени, „Ало будење" на Зафир Хаџиманов", вели Игор Џамбазов кој покрај другото на кандидатите ќе им помогне и околу сценскиот настап, со оглед на тоа дека голем дел од нив претходно немале сценско искуство.
Финалната вечер на талент шоуто симболично е закажана за 25 јануари, односно на роденденот на Тоше.
Сите заинтересирани кандидати може да се пријават до 15. ноември. Испратете ваши податоци (име, презиме, фотографија, година на раѓање и место на живеење) на електронската пошта tajnomoja@mob.com.mk