Катерина Микрут создаде нови „Плетени решенија“ за урбани индивидуалци

17 октомври 2014

Уникатната Катерина Микрут која подолго време работи и твори под името „Мика Дизајн“ вчеравечер ја имаше првата самостојна изложба во просториите на кафулето Концепт 37.

На обожавателите на еден од најкреативните и најсмирувачки занаети – плетењето, таа им понуди интересна палета на накит и модни додатоци наменети за сезоната пролет/лето 2015, во одлични пастелни нијанси.

„Колекција е насловена како „Плетени решенија“, а истата е составена од накит и модни додатоци. Сите се направени како комбинација на плетење соупотреба на експериментални материјали како метални додатоци на пример, исечено црево од туш или пластично црево за наводнување. Во колекцијата се задржува пастелната нијанса на бои што ме асоцира токму на летна сезона“, посочува дизајнерката со потекло од Полска, на која Македонија и е втор дом.

Микрут ќе додаде дека и овој пат инспирацијата ја пронашла во самата фасцинантност на плетењето, кое како такво, таа го обожува.

„Инспирацијата ми ја донесе самото плетење зошто јас многу сакам да плетам и решив оваа инспирација да ја претворам во дела. Со плетењето, буквално нема крај на можностите, секогаш ми носи некоја нова идеја. Овој пат, решив да ја спојам традиционалната техника на плетењето со индустријалскиот стил што го изразуваат токму овие експериментални материјали“, појаснува дизајнерката.

На прашањето колку таа смета дека ова е еден „изумрен“ занает во Македонија, таа ќе каже дека и денеска младите знаат и сакаат да плетат, но и дека истиот бара многу време и посветеност.

„Не сметам дека плетењето е изумрен занает во Македонија, едноставно тоа е занает што бара многу труд и време, и за жал во денешно време не баш секој може да му се посвети и да го сака. Тука се работи за часови, денови, па и месеци за изработка на некои дела и парчиња“, посочува Микрут.

Овој занает таа го посочува како нешто што непресушно ја инспирира и смирува.

„Плетењето ме исполнува, ми носи нови идеи, ми отвора и можности за експериментирање, јас не плетам по некакви шеми што ги има во некои списанија или по некои модели,јас секогаш се трудам да постигнам некое мое дело и моја креација“, вели дизајнерката.

Во однос на тоа што е следно по оваа колекција и изложба, таа вели дека сака истата да ја надополни со парчиња облека, но и да ја заврши зимската која би требало да и ја презентира на јавноста некаде кон крајот на следниот месец.

Објавено:
17 октомври 2014
Категорија: 
Култура