Најубавите водопади во Македонија

1 јули 2022

„Водопадите не можат да молчат, исто како и мудроста. Кога тие зборуваат, гласот на моќта зборува", ќе рече турскиот писател Мехмет Мурат Илдан.

Хипнотизирачката убавина на водопадите отсекогаш претставувала инспирација за уметници, писатели и мислители, а нивната смирувачка моќ особено е атрактивна за авантуристи и ентузијасти, како и за секој љубител на природата.

Во Македонија, планините покриваат над 80% од површината, што ја прави земјата дом на повеќе од 150 водопади, а ние направивме листа на најубавите кои вреди да ги посетите барем еднаш во вашиот живот.


Дуфски Водопади

Кога реката Радика се пробивала низ карпите кај селото Ростуше го издлабила најспектакуларниот и најграндиозниот водопад во западниот дел на Македонија кој припаѓа на Националниот парк Маврово. Дуфските водопади се високи речиси 30 метри и се наоѓаат на 1500 метри надморска височина. Но, за да се дојде до водопадот, потребно е да се помине карпест кањон со висока вегетација.

 

Водопад Длабока река - Кораб

Со своите 130 метри, водопадот Длабока Река е познат како највисокиот водопад во земјата и еден од највисоките на Балканот. Изворот на водопадот се наоѓа на речиси 2500 метри надморска височина, под врвот Мал Кораб. Кањонот на Длабока Река е дел од национален парк „Маврово", а во 1952 година е прогласен за строго заштитено подрачје. За да се дојде до водопадот потребно е да се следи течението на реката, низ шумски предел. Најдобар период да се посети Длабока Река е во јуни и јули; кога водопадот е најбогат со вода.


Смоларски Водопад

Во близина на селото Смоларе, истоимената река поминува низ планината Беласица и се слива по црната карпа, создавајќи го еден од најимпресивните водопади, Смоларскиот. Водопадот е висок 39,5 метри и е 600 метри надморска височина. За да се дојде до него, потребно е да се искачат 300 скалила. Но затоа пак, на подножјето има прекрасен ресторан за одмор, а областа нуди можност за пикник и кампување.

 

Колешински Водопади

Реката Баба го издлабила својот пат низ западниот дел на планината Беласица и го создала прекрасниот Колешински водопад, висок околу 19 метри и составен од повеќе кристални потоци кои го прават падот помоќен. Водопадот се наоѓа над селото Колешино, општина Ново Село и е силен во текот на целата година. Патот до него е уреден, на места поплочен, а покрај патеката ќе најдете излетнички места и простор за скара.

 

Габровски Водопади

Во непосредна близина на Колешинскиот и на Смоларскиот Водопад, над селото Габрово се наоѓаат истоимените водопади. Тие се најмали од трите беласички водопади, а пред нив се наоѓа мал уреден паркинг од кои продолжува и шумска уредена поплочена патека. Во околината се наоѓат клупи и мали летниковци, а на оддалеченост од еден километар има три помали водопади, високи од 4 до 8 метри, чија студена вода истекува меѓу дебелите и разгранети буки.


Самовилски Водопади

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Kika Jordanovska (@kika.jord)

На 15 километри од Кичево, на северозапад од напуштеното село Фрлогоец, по течението на реката Студенчица се наоѓаат Самовилските Водопади, на надморска височина од 1250 метри. Изворите кои го полнат водопадот во текот на целата година доаѓаат од Женска Планина и Пашиница. До нив се стигнува по обележана патека во должина од 3,5 километри која почнува од каптажата за вода на река Студенчица.


Ѓаволски Водопад

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Maja Dejkoska (@majajanackovska)

Ѓаволски Водопад е сместен на западното подножје на јужните падини на планината Беласица, по текот на реката Калдрма Дере, во Валандовско. Водопадот се наоѓа на надморска висина од 580 метри и има тектонско потекло. На подножјето на водопадот се наоѓа џиновски лонец со димензии 2,7метри ширина и 6,5 мметри должина. Во текот на летниот период протокот на Калдрма Дере е минимален додека во текот на пролеттниот период протокот се зголемува за неколкупати. Поради силната бучава која што се создава при падот на водата, водопадот го добил своето име - Ѓаволски Водопад. Од неодамна непосредната околина на водопадот е уредена со пристапна патека, скали, ограда, клупи и неколку летниковци.


Станечки Водопад

Станечки водопад на Козја Река се наоѓа во северниот дел на Осоговските Планини, кај селото Станци, 8 км јужно од Крива Паланка. Изворот на водопадот е на надморска височина од 1160 метри, самиот водопад е висок 11 метри, по што е најголем постојан водопад на Осоговските Планини, а во подножјето на овој ерозивен водопад, со вртложното движење на водата се создал голем природен базен. Станечки водопади се наоѓа во букова шума, но е релативно пристапен.


Спиковски Водопади

Сипковските водопади се наоѓаат на 6-10 километри од градот Пехчево, во месноста Валевичка Река, што пехчевци ја викаат Брегалница. Густата букова шума во во пехчевскиот дел на Малешевијата е дом на седум водопади кои извираат  од Брегалница, но од нив само два всушност ѝ припаѓаат на Брегалница, а преостанатите на нејзините притоки Црн Дол, Жолтачка Река и Спиковски Андак. Во близина на Сипковкските водопади ќе го најдете излетнчкото место "Бараки".

Објавено:
1 јули 2022
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.018 пати