Незаборавна оскаровска ноќ во МОБ: Филмска музика, овации и холивудски креации на ЕЛЕНА ЛУКА

1 март 2024

Магична Оскаровска ноќ за прв пат на сцената на МОБ, во пресрет на 96-то издание на Оскарите.

Настан кој на гламурозен начин ја донесе филмската музика и хитовите кои освоиле Оскар низ годините или биле номинирани, а маестрално ги изведоа наши познати музички ѕвезди.

Вистински гламур и оскаровски дух се преслика и во модните уникатни дизајни на ЕЛЕНА ЛУКА, која ги стилизираше дамите кои вечерта блескаа на сцената на МОБ, во духот на Холивуд: Наде Талевска, Весна Гиновска Илкова, Андријана Јаневска, Ана Петановска, Маја Гроздановска – Панчева и водителката на настанот, Миланка Рашиќ.

„И овојпат ни припадна честа да бидеме носители на еден ваков уникатен проект со оскаровски гламур, што за прв пат се одржува на сцената на МОБ, во пресрет на 96-то издание на Оскарите.
Навистина една извонредна организација, врвен оскаровски настан на кој ЕЛЕНА ЛУКА го прикажа својот комплетен сјај на сцена, благодарение на сите прекрасни дами што вечерва настапија со фантастични оскаровски хитови, а беа стилизирани во наши уникатни креации, секоја со свој посебен печат и посебна вредност затоа што на секоја од нив е посветено исклучително внимание за да се постигне перфектна целина. Би кажала дека оваа вечер се разликува најмногу во работењето на ЕЛЕНА ЛУКА, не во однос на тоа што создадовме специјални сценски креации затоа што од секогаш сме го работеле и тоа е наш уметнички израз, туку затоа што имавме чест да бидеме повикани од организаторот и водителката Миланка Рашиќ на оваа прекрасна оскаровска вечер што за прва пат се одржува годинава, а се надевам ќе прерасне и во традиција според прекрасните рекации од публиката. Навистина уживавме во целата оскаровска магија што имавме можност вечерва да ја доживееме на сцената на МОБ, во одличните перформанси на нашите големи музички ѕвезди на сцена стилизирани во уникатни оскаровски тоалети со препознатливиот визуелен печат на ЕЛЕНА ЛУКА. Ова е еден настан за паметење затоа што модата, убавината, оскаровската музика и раскошните вокали на нашите маестрални таленти се споија. Честитки на сите вклучени во овој проект и навистина ни е чест што сме дел од првото издание на Оскаровската гала вечер", изјави Елена Пандева, сопственик и генерален менаџер на ЕЛЕНА ЛУКА.

Низ ова незаборавна филмска – музичка ноќ присутните ги водеше токму Рашиќ, која е одличен познавач на историјата на Оскарите.

Секоја од овие дами изгледаше беспрекорно, филмски, гламурозно како што и доликува на настан на вакво ниво и вечерта барем на момент вистински ни го донесоа духот на Холивуд на сцената на МОБ.
Миланка Рашиќ како вистинска холивудска ѕвезда, пленеше во раскошен оскаровски фустан специјално дизајниран за оваа прилика, а ЕЛЕНА ЛУКА и овојпат покажа зошто е на врвот.

„Многу сум задоволна од тоа како реагираше публиката. Луѓето беа пресреќни, имаше овации, аплаузи. Голем дел од животот имам посветено на Оскаровските преноси и затоа овој настан многу ми значи.
Пресреќна сум што на овој гламурозен настан соработувавме со ЕЛЕНА ЛУКА. Јас и порано сум носела нивни креации на фестивали и други важни настани, но морам да кажам дека вечерва беше врвот. Оваа креација изгледа оскаровски, гламурозно, што впрочем и беше наша цел.
Огромна благодарност до целиот тим на ЕЛЕНА ЛУКА, за инспирацијата, за креативноста... За краток период се оствари тоа што го посакував – тоалета каква што замислував. Благодарение на ЕЛ оваа вечер личеше на вистинско оскаровско шоу", изјави Миланка Рашиќ.

Андријана Јаневска ја воодушеви публиката во елегантна црна тоалета комбинирана со црни ракавици во стилот на стариот Холивуд, прикажувајќи една безвременска грациозност на сцена.

„Ми претставуваше чест и задоволство да бидам на ваков настан, а благодарение на костимот на ЕЛЕНА ЛУКА се чувствував навистина гламурозно. Ние претходно соработувавме и за Бубамарата и морам да кажам дека сите беа воодушевени и од таа креација", го пренесе својот впечаток Андријана.

Маја Гроздановска Панчева покрај тоа што имаше фантастичен перформанс на сцена награден со овации во публиката, изгледаше исто толку беспрекорно и впечатливо во уникатна дизајнерска креација на ЕЛЕНА ЛУКА во пастелни розово-виолетови тонови, акцентирана со рачно изработени детали што и даваа посебна магија и убавина.

„Лично мислам дека без овие прекрасни креации, оскаровската гала вечер немаше да биде како што изгледаше. Ова беше дефиниција за гламур, во вистинско време, на вистинско место и се чувствував како да сум на доделување на Оскари", додаде Маја.

Оперската дива Весна Гиновска Илкова изгледаше гламурозно во врвна тоалета во загасити сини тонови, што совршено ја заокружи нејзината маестрална изведба на сцената на МОБ.

„Многу сум задоволна од целата организација и ми беше задоволство да учествувам. Немам прилика да се најдам надвор од рамките на операта и затоа ова искуство беше навистина прекрасно за мене, едноставно уживав во концертот и во оваа гламурозна тоалета што ја носам. Голема благодарност до ЕЛЕНА ЛУКА за нивната флексибилност и професионалност", изјави оперската дива.

Младата Ана Петановска, која веќе важи за миленичка на нашата публика воодушеви со изведбата на Purple Rain од Принц, истовремено носејќи го на сцена холивудскиот глмур во авангардна тоалета на ЕЛЕНА ЛУКА во нежна розова нијанса.

„Кога имаш толку добар тим зад себе, такви професионалци, излегуваш на сцена како вистинска дива. Чувството не може да се опише, и во секоја креација што досега сум ја носела од ЕЛЕНА ЛУКА сум изгледала како да сум на црвен тепих. Сум кажала неколку пати и пак ќе кажам дека задоволството е големо да се соработува со нив", сподели Ана.

Прекрасната Наде Талевска со својот врвен вокал донесе вистинска магија на сцената, стилизирана во авангардна црно-жолта сценска комбинација, која му даде вистински оскаровски сјај на нејзиниот настап.

„Целата организација беше прекрасна, како и оваа креација што ја носам и сè изгледаше како да се наоѓаме на црвен оскаровски тепих", ги сподели своите импресии Наде.

Присутните имаа можност и да ја погледнат екслузивната модна изложба на ЕЛЕНА ЛУКА во фоајето на МОБ, каде што нашиот познат бренд се претстави со уникатни свечени тоалети што ни го донеса вистинскиот холивудски сјај и гламур.

 Диригент на оркестарот беше Бисера Чадловска, а како режисер на настанот се потпиша Дејан Прошев.

Со оглед на реакциите и воодушевувањето на публиката, голема е веројатноста дека оваа прва Оскаровска гала вечер ќе стане традиција.

Скопје докажа дека може да изгледа холивудски кога зад одличен настан ќе застанат врвни професионалци.

Објавено:
1 март 2024
Категорија: 
Култура