Новак и Јелена Ѓоковиќ се позитивни на коронавирусот, пренесуваат српските медиуми.
Откако се потврди дека бугарскиот тенисер Григор Димитров е позитивен на коронавирусот, беше откажано финалето на „Адрија тур" во Задар, по што тенискиот ас, неговата сопруга и деца се тестираа во Белград.
Денеска беа објавени резултатите од тестирањето кои покажаа дека Новак и Јелена се позитивни, додека нивните деца се негативни на коронавирусот.
Како што пренесуваат медиумите, двајцата сопружници се чувствуваат добро и немаат симптоми.
Новак со официјално соопштение се обрати до јавноста, во кое подвлекува дека сè што направиле во изминатиов период во врска со „Адрија тур" било со искрена намера:
-Веднаш по враќањето во Белград, се тестиравме. Мојот и резултатот на Јелена се позитивни, додека резултатите на децата се негативни. Сè што направивме во последните месец дена беше со чисто срце и искрена намера. Турнирот беше со хуманитарен карактер со цел да им помогне на тенисерите од регионот, да им обезбедиме услови за игра, да можат да остваруваат приходи и на тој начин полесно да се преброди овој тежок период. Во исто време, сакавме да испратиме порака за солидарност и почит. Целта беше да им помогнеме на хуманитарните фондации и на оние на кои помошта им е најпотребна и драго ми е што голем број луѓе се приклучија на иницијативата.
Тој додава дека турнирот го организирале во време кога вирусот бил ослабнат и кога веќе биле создадени услови за негово одржување.
-Многу ми е жал за секој единствен случај на зараза. Ги следам изјавите на лекарите и се надевам дека бројот на заразени нема да се зголемува. Се надевам дека нема да се комплицира ничија здравствена состојба и дека се ќе биде добро. Јас ќе останам во самоизолација наредните 14 дена и ќе го повторам тестот за пет дена, најави најуспешниот српски тенисер.
Фото: Инстаграм