Вчеравечер на сцената во Националната опера и балет, премиерно пред скопската публика беше одиграна хит претставата „Обвинителка" со Лидија Вукиќевиќ, Магдалена Ризова-Черних, Бранко Атанасов и Сашо Ристовски кој воедно се потпишува и како режисер.
Како е да се биде бизнисмен? Обвинител или вработен во обвинителство? Кои средства се користат за спас од обвинение? Љубовта и страста што можат да му сторат на еден човек, како е да се плашиш и да живееш во страв дека те прислушуваат, колку и на што се сме спремни за да побегнеме од одговорност и многу општествени случувања кои се карактеристични на денешното време. Како и многу други прашања, самата претстава го дава одговорот.
„Реакциите на публиката беа фантастични. Знаете, театарот функционира на принцип акција-реакција. Нема претстава без публика. Ние сме акција, а публиката е реакција. Затоа публиката е заслужна за добра претстава, како нашата вечерва", ни изјави региналната актерска ѕвезда Лидија Вуќиќевиќ.
ЕЛЕНА ЛУКА се потпишува како костимограф на претставата, во која токму костимот ја заокружува целината и ги доловува специфичните карактери на ликовите.
„Костимот е од исклучително значење. Тој ви го одредува ликот на некој начин, а мора да се прилагоди на улогата и не смее да го оптерети актерот. Штом ќе го облечете ви ја дава завршницата на ликот, на кој што вие долго сте работеле. ЕЛЕНА ЛУКА фантастично ја заврши својата улога како костимограф. Мојот фустан е посебен, ја дава онаа завршница за улогата што ќе ја играм во преставата", вели Лидија која блескаше на сцената во креацијата на нашата етаблирана модна куќа.
„Обвинителка" е проект кој е културен мост меѓу двете земји и кој обработува тема подеднакво актуелна и безвременска, не само на Балканот, туку и генерално.
Автор на комедијата е Огнен Неделковски, сценограф е Крсто Богојевски, а музиката е на Мишел Трајковски.
Следното гостување на „Обвинителка" ќе биде во Куманово, по што следува и европска турнеја.