Овој петок се одржува првиот Скопски градски фестивал

9 септември 2020

Во организација на Баги Комуникации, а со поддршка на Град Скопје овој петок (11 септември) со почеток во 19 часот, на Плоштадот Мајка Тереза (плато пред МОБ) ќе се одржи првото издание на Скопскиот Градски фестивал (Skopje City Festival).

Програмата на фестивалот е концепирана по урнек на градските музички фестивали во Европа и светот. Тој е еднодневен фестивал, концепиран како градски музички фестивал каков што му е потребен на Скопје, со програма од различни музички жанрови и учество на македонски уметници. На првото издание на СГФ граѓаните на Скопје, но и сите кои ќе се одлучат да го посетат, ќе можат да ја погледаат музичката комедија „Телефонот„ во режија на австриската режисерка и кореограф Uschi Horner а ќе учествуваат двајца оперски пеачи и двајца музичари. Еден од најпознатите етно музички состави кај нас, Баклава токму на првото издание ќе го прослават јубилејот – 15 години музичка кариера. Буба Додева пак ќе има концертна промоција на својот најнов музички проект, албумот "Незаборавни".

Дека Фестивалот ќе понуди содржина за сите доказ е и настапот на македонски пијанист Бобан Мирковски, како солист кој ќе ги изведе композициите „Рапсодија во сино„ (George Gershwin) и „Атараксија „ (Љупчо Мирковски) а ќе настапи под диригентска палка на Љупчо Мирковски во придружба на Биг Бенд.

- И покрај тоа што Фестивалот ќе се одржува на отворено, заради следење и почитување на протоколите за одржување на настани на отворено, пуштени се ограничен број на вленици по цена од 200 денари. Истите може да се купат онлајн и на сите продажни места на www.kupikartizase.com – најавува организаторот Баги Комуникации.

Заради зачувување на здравјето на учесниците и посетителите, апелираме на почитување на мерките за заштита. Носете маска, држете дистанца и уживајте во првото издание на Скопскиот Летен Фестивал.

Објавено:
9 септември 2020
Категорија: 
Култура
Прочитано:
93 пати