Паратисима 2015: Македонски и светски уметници го разубавија секојдневието во Скопје!

13 јуни 2015

Вчеравечер и официјално беше означен стартот на вториот по ред Интернационален саем на уметност Паратисима Скопје, каде голем број талентирани уметници ѝ ги покажаа своите дела на публиката.

Младинскиот културен центар за многу кратко време се исполни со голем број на посетители, кои уживаа во големиот број дела од македонски и странски уметници, распоредени на неколку места низ МКЦ.

Најпосетена се чини беше горната галерија, каде бројни уметници ги изложуваа своите навистина уникатни дела, од кои посетителите се воодушевуваа и коментираа дека истите се навистина светски.

Ние имавме можност да поразговараме со главниот куратор на програмата, Нада Прља која инаку е уметник од светски ранг, а македонската публика, меѓу другото, најдобро ја познава по фасцинантно изработената уметничка инсталација „Ѕидот на мирот“ што беше дел од Берлинското биенале.

„Проектот Паратисима постои од минатата година, јас се вклучив во овој проект пред околу два месеци, откако активно почнав да размислувам за тоа како би требало да изгледа една изложба која ги претставува современите уметници, како македонски, така и од странство. Покрај тоа што овој проект има и еден дел наречен уметнички саем, сметав дека е потребно да има некаков вид поврзување помеѓу уметниците по нивните афинитети, по начинот на работа... Оваа година имаме околу 70 – тина уметници во главниот хол, потоа имаме околу 20 – тина дизајнери кои се претставени во дизајнерскиот дел, исто така 15 специјални проекти тука се изложени по покана. Оваа година, поканивме и одреден број на факултети, меѓу кои и Европскиот универзитет, потоа ФЛУ, ФЛУ Штип, потоа Gray's School of Art и Chelsea College of Arts од Лондон. Идејата беше во тие специјални програми, преку едукација, да се покаже и работата на професорите и на учениците. Ова е еден навистина голем проект и ми беше чест да учествувам“, вели Прља за Fashionel.

Нада Прља Нада Прља

Таа посочи дека е огромно задоволството кај целата организација, што одѕивот кај публиката годинава е навистина огромен.

„Јас мислам дека одзивот навистина беше голем годинава, 107 уметници не се малку, и морам да споменам дека сите уметници беа супер професионални, ангажирани, ги пратија своите дела на време и мислам дека беа отворени за овој нов вид на соработка, бидејќи ова веќе ги крши границите на она што претставува класично уметничко – ликовно претставување со некоја соло или групна изложба. Тука имаме број на уметници кои самите се решиле да учествуваат, ние не правиме селекција, сите што се решаваат да учествуваат, учествуваат, што во некоја рака мислам, и мене ме привлече да станам дел од овој проект, бидејќи отвора некаков вид на демократизирање на уметноста, значи дава можност сите да учествуваат. На крај, во недела, 10 уметници или дизајнери ќе бидат избрани и ќе можат да патуваат во Торино, да бидат дел од тамошната Паратисима“, посочи Прља.

Особено интересен за посетителите беше и делот за мода, каде неколку дизајнери ги прикажаа своите дела, преку перформански, но и постојана изложба на неколку интересни креации и дела.

Дека публиката на Паратисима знае да ужива и во добрата музика, докажаа и концертите на култниот Хуго Рејс кој своевремено беше дел од бендот Nick Cave and the Bad Seeds, чиј концерт го најави италијанската пијанистка Карлота Силано.

Доколку вчера немавте можност да бидете дел од годинешниот Паратисима саем на уметност, имате можност до недела да уживате во одличните дела на бројни светски и македонски уметници.

Објавено:
13 јуни 2015
Категорија: 
Култура