The Protagonist вечерва го промовираат спотот за новиот сингл Space station

6 април 2015

Вечерва во 20:30 часот, на каналот Јутјуб, бендот The Protagonist премиерно ќе го објави спотот за нивниот нов сингл, Space station.

Една од најпрогресивните активни групи во Македонија, чија музика не му побегна ниту на радарот на хрватското издание на магазинот Ролинг Стоун, наскоро ќе го издаде својот прв албум.

Работата на дуото составено од Р.С.Раш и Кузман, што резултираше со полн звук и богата текстура, започнува во 2010-та. Материјалот кој произлезе од оваа соработка беше ни помалку ни повеќе, мастериран од Сајмон Хејворт, продуцент кој во својата биографија бележи соработки со Ник Кејв, Мајк Олдфилд, Брајан Ино, Депеш Моуд, Симпл Мајндс и други.

До сега, двете објавени теми од престојниот No Exit Museum (Atom from the Sun, Hyperreal) се најдоа на топ 20 листата на ЕмТиВи Адриа, а судејќи по современиот и убедлив шарм на Space Station, успехот и на овој сингл е неизбежен.

Двојката која што стои зад овој несекојдневен и страствен производ се всушност визионери со високи артистички стандарди. Р.С.Раш е магистер по уметност во комуникациски науки, а Кузман е академски музичар кој од своите средношколски денови храбро експериментира со продукција и оригинално творештво. Фузијата на висококвалитетна електроника и органскиот гитарски звук, заедно со силниот вокален израз се претопуваат во неодолив хоризонт, на кој што не може да останете рамнодушни.

Објавувањето на песната Space station е само прва од активностите кои следуваат, а се однесуваат на официјалното претставување на албумот No Exit Museum.

Објавено:
6 април 2015
Категорија: 
Култура