Традиционално, по 72 – ри пат вчеравечер се одржаа Тони наградите во Radio City Music Hall во Њујорк каде се собра актерската елита на Холивуд.
„Harry Potter and the Cursed Child“ беше одбрана за најдобра претстава, додека „The Band’s Visit“ најдобар мјузикл на големо воодушевување на присутните.
Емотивната драма „Angels in America“ беше одбрана за најдобра обновена претстава, откако истата за прв пат беше прикажана во 1993 – тата година.
Наградите Тони на кои се слави моќта на театарот, вчеравечер испратија силна порака за инклузивноста и различноста, за правата на хомосексуалците, за контрола на оружјето, имигрантите и многу други значајни теми.
Во еден момент на сцената се појави актерот Роберт де Ниро, кој најавувајќи го музичкиот настап на Брус Спрингстин, предизвика овации од публиката кога извика „f*** Trump“!
Слични изјави имаа и голем дел од останатите присутни на вчерашната церемонија, а актерката Нома Думезвени која го толкува ликот на Хермиона во претставата за Хари Потер јавно изјави дека претседателот Доналд Трамп не е добредојден на прикажувањата.
Покрај гласните пораки, вчеравечер можевме да видиме и фантастични комбинации на дамите и момците кои беа дел од доделувањето на наградите.
Најголем впечаток остави прекрасната Кери Вашингтон која за церемонијата се одлучи за сребрен комбинезон украсен со прекрасни додатоци и „опашка“ во задниот дел.
Фантастична во сребрена комбинација со пердуви беше и комичарката Тина Феј која на доделувањето на наградите се појави со нејзиниот сопруг Џеф Ричмонд.
Неодолива во црна креација со аплицирани цветови од дизајнерот Зак Посен беше и новата миленичка на Холивуд, младата актерка Кетрин Мекфи.
На свеченоста се појави и актерката Клер Дејнс која е дел од популарната серија „Homeland“, овој пат во блескава креација со карнери која дополнително го истакна нејзиното трудничко стомаче.
Подеднакво впечатливи беа и момците кои одбраа претежно црни костуми во кои изгледаа неверојатно добро.
Сите стајлинзи на познатите ѕвезди што вчеравечер беа дел од една од најпопуларните манифестации во Њујорк ги гледате погоре во галеријата.