54 години од земјотресот во Скопје

Скопје кое никогаш не смееме да го заборавиме

26 јули 2017

Што да направите кога одеднаш од сон ќе ве разбуди силен тресок, кога ви паѓа се врз глава, кога не знаете како да реагирате.Точно во 05 часот и 17 минути Скопјани ќе ја почуствуваат најголемата несреќа. Земјотресот траел само 20 секунди, но за сите настрадани тоа било цел живот. Момент од кој не можеш се извлечеш и покрај сите напори.

Според она што јас сум го слушала како дете, а подоцна и секој 26ти јули, веќе ништо не било како претходно. Немало серенади, дружење во маалата, комшиските кафиња, делењето на шеќер и кафе кога ќе ти притреба, споделувањето на мака. Се раскажува еве веќе 54 години за она Скопје пред и после земјотресот. Таа невиност на градот, потребата да се дотераш навечер и да прошеташ покрај кејот на Вардар без оптеретување, корзото каде едвај си чекал да ја видиш твојата симпатија, играњето фудбал, одењето на претстави во Стариот театар каде се барало карта повеќе за Прличко.

Градот станал пепел и прав. Утрото во 6 часот и 40 минути е испратена веста за оваа катастрофа. Во 20 часот под отворено небо почнува со емитување програма радио Скопје. Следното утро во Приштина се печати новото издание на „Нова Македонија“, истото утро веќе има мобилна болница и почнуваат првите хируршки интервенции. Сите шепотеле меѓусебе за бројките кои биле застрашувачки: 200.000 без покрив над главата, 10.000 жртви останати под рушевините, 5000 полесно или потешко повредени. Одејќи низ рушевините се слушала само тишина, крик и солзи.

Часовникот на Железничката станица застанат е со години, едно време сакаа да го тргнат, но историјата не може да се избрише. Тој часовник беше симбол на сите жртви, на сите преживеани, на сите солзи пролеани, на сите детски игри засекогаш прекинати,на џагорот кој бил секојдневие.

Имаше и порака од Тито на истата таа станица во која стоеше дека Скопје повторно ќе биде изграден и убав. Сега ни тоа го нема. Има тага во душите на оние кои се жртви, нивните сенки се постојано над нас и не потсетуваат на некоја загубена добрина, непресушена солза.

Дали разбираме сите ние како е да изгубиш близок, комшија, роднина во само дваесет секунди? Се загубивме сите ние  како човечки суштества некаде попатно и неповратно.

Скопје се надевам дека радост ти ќе бидеш некогаш! Вечна им слава на жртвите тој тажен 27 јули 1963 година. Поминаа 54 години и никогаш да не се заборави.

Во продолжение погледнете го документарниот филм на Вељко Булајиќ за Скопје.

 

Бејбимама

*извор фотографии Јован Ритопецки, google images, getty images

Објавено:
26 јули 2017
Категорија: 
Култура
Прочитано:
781 пати