Со љубов од Париз за Македонија-нашите креативци успешно пливаат на светски културни маратони

9 мај 2014

Четиригодишното искуство на младата скопјанка Кристина Илиевска како студент во Париз, во моментов на постдипломски студии на Факултетот Paris 10 Nanterre, на програмата за  Бизнис и администрација (MBA), ќе и донесе исклучителна можност да работи со креативни врсници од различни страни на светот, а кои ја избрале токму француската престолнина како центар за својот интелектуален и развојот на креативниот потенцијал.

Кристина Илиевска и James Honeycutt Кристина Илиевска и James Honeycutt

James Honeycutt е 22 годишен режисер од Тексас кој неодамна дипломираше на Интернационалната филмска школа во Париз. Тој и Кристина веќе работат на трет заеднички проект-краткометражниот филм СКОРА кој ќе се сними во Скопје. James се потпишува како режисер на филмот, додека Кристина е продуцентот. Приказната развива една длабока и суштинска тематика која ги засега сите млади луѓе, потрагата по самите себе и откривањето на својот личен идентитет.

Претходно, двајцата млади креативци работеле на филмовите Ashи и Four Frames кои премиерно ќе бидат прикажани низ повеќе фестивали за краткометражни филмови во Европа и Америка.

За филмот Four Frames, Кристина била и ангажирана како костимограф, а со истиот ангажман продолжува и во СКОРА.

„За СКОРА стилот би бил повеќе во духот на American Apparel, јаки еднобојни парчиња. Нашата најголема инспирација  доаѓа од чешкиот филм „Daisies“, снимен во 60-те. Значи стилот е ретро, и во најголем дел главната женска улога ќе носи убави еднобојни фустанчиња“, изјави за Fashionel талентираната Кристина.

Покрај овој прокет, Кристина паралелно работи и како асистент на младиот белгиски моден дизајнер Mats Rombaut, кој е доста популарен во родната Белгија и во Италија, а позиционира свое место и во Франција.

Фотографија од лукбукот на дизајнерот Mats Rombaut за есен-зима 2015

„Mats дизајнира чевли кои се направени од природни материјали и се истовремено шик и авангардни. Неговите парчиња се продаваат низ познати големи продавници низ светот како: Comme des Garçons, Ink, Glossy. Stijl, The Number 4, ODD и уште многу други. Јас сум негов асистент и работиме заедно на се’, од потрага на нови материјали до контактирање на списанија, нови продавници и стоковни куќи во клучни светски метрополи“, ја објаснува својата секојдневна работна активност Кристина.

Во очекување на конечната реализација на СКОРА, посакуваме креативните умови како Кристина да ги гледаме почесто како македонски амбасадори на нашата култура низ светот.

 

Објавено:
9 мај 2014
Категорија: 
Култура