Уметникот Игор Јосифов на Скопската недела за дизајн

21 ноември 2016

Македонскиот уметник со светски успех Игор Јосифов повторно доаѓа во Македонија, овој пат станува збор за неговото претставување на Скопската недела за дизајн (Skopje design week) што ќе се одржува од 23 до 27 ноември во Јавна соба (Public room). 

Во малку поинакво светло од она што досега сме го виделе, но сепак автентично за уметноста што ја практикува. Имено, станува збор за модна линија на уни-секс маици дизајнирани од модната дизајнерка Милена Атанасова со принтани дела на Игор Јосифов. 

Во рамките на Скопската недела на дизајнот, Јосифов ќе има и перформанс, огнена рефлексија, како и прикажување на два негови нови филмови „Unification“ и „Untie“. 

Јосифов вели дека „Untie“ е кулминација на неговата ефикасност во работата и на животното патување во неговата еволуција како уметник. 

„Во „Untie“, јас сум задржан во средина, беспомошен и не можам да се ослободам. Моето тело е изложено на погледите од гледачите. Оваа метафора го отсликува уметникот како политичко тело, кое е заложник на материјализмот и ограничено од страна на структурирани простори. Костимот/инсталацијата е направен од ткаенина која е специјално создадена за користење на мојата техника на огнена рефлексија. Јас го насликав платното додека медитирав за моменталната состојба на светот. Во текот на процесот го обликувам пепелот од минатото и спомените што некогаш биле нематеријални, при соодветна реконструкција добиваат одредена форма“, вели Јосифов. 

Љубителите на уметноста и модата ќе може да го посетат уметничко/модното катче на Јосифов и Атанасова на првиот кат во Јавна соба додека трае неделата на дизајн. 

„Принтови од неговите најубави дела, а мои би рекла и најомилени. Маиците се изработени од чист памук, во црна и бела варијанта, со чиста и современа линија. Совршен дизајн за љубителите на уметноста и модата“, изјави Атанасова по повод нивната соработка. 

Во петок, на 25 ноември, со почеток во 20 часот ќе биде проекцијата на филмовите „Unification“ и „Untie“, а еден час подоцна со почеток во 21 часот во предворјето на Јавна соба ќе се одржи перформансот на Јосифов.

Објавено:
21 ноември 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
246 пати