Скопје е подготвено за еден од најзабавните и најинтересни настани во светот на танцот кој ќе се одржи оваа година. Студијата „Eat the beat" и „Break a leg" во петок, сабота и недела, 15-16-17.11.2019 година, во А1 Арена СЦ „Борис Трајковски" во Скопје го организираат меѓународниот танц натпревар „Dance OFF". Веќе има пријавено над 2.700 учесници од 17 држави кои ќе се натпреваруваат во сабота и недела.
„Танцот е во нашата крв. Тој е од огромно значење затоа што претставува темел врз кој може да се изразуваме емоционално со движење и ритам. Пример за тоа се над 2.700-те пријавени натпреварувачи од 17 држави како Бугарија, Грција, Кипар, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Данска, Русија, Полска, Словачка, Италија, Словенија, Романија, Украина и други. Како организатори се погриживме тоа нивно изразување да не биде ограничено од ништо. Имаме одлична бина, прекрасен простор и осветлување и феноменална организација која што знаеме дека дополнително ќе ги мотивира учесниците, и тие од странство и домашните.", вели Трајче Петковски од скопското студио „Break a leg". Петковски додава дека ги поканува сите кои што сакаат подобро да се запознаат со танцот и да навиваат за своите омилени, посебно за македонските учесници, да дојдат во сабота и недела од 09.00 до 21.30 часот.
„Овој меѓународен натпревар го правиме 4-та година по ред и имаме 4 пати повеќе енергија од порано. Секој кој ќе дојде во сабота и недела ќе може да гледа феноменални настапи од хип-хоп до латино и балет. Самиот настан е поддржан и во склоп на настаните на светската танцова федерација (ИДО) и затоа е многу интересен. Имаме натпреварувачи од најмали до возрасни, од 4 години до 34 години. Најискрено се надеваме дека Dance OFF повторно, исто како изминатите 3 години, ќе поттикне многу луѓе да се впуштат во светот на танцот. Тој носи многу придобивки, како на здравствен и развоен план така и на друштвен, посебно кај децата. Ние го гледаме тоа секој ден.", порачува Илија Карадакоски од „Eat the beat". Тој изразува искрена надеж дека оваа година ќе биде уште еден пример за наредната, создавајќи предизвик кој со сигурност ќе го надминат.
Во петок, 15.11.2019, А1 Арена СЦ „Борис Трајковски" ќе биде затворена за посетители затоа што ќе бидат организирани затворени работни средби, додека сабота и недела, 16-17.11.2019, ќе биде отворена за сите заинтересирани. Картите за сабота и недела, до 20.00 часот, се во продажба по симболична сума од 150 денари на влезот на арената. Влезот за Гала вечерта од 20.30 до 21.30 во недела, 17.11.2019, е слободен.