Започна Европско првенство, светски купови во модерни танци и меѓународен натпревар Денс Оф во Скопје

7 ноември 2018

Од денеска до петок, 09.11.2018. во спортскиот центар Јане Сандански во Скопје се одржува Европско првенство во Street Dance Show 2018 и Светски Купови во Диско денс и Хипхоп.

На натпреварите кои се поддржани од Интернационалната Танцова Организација (International Dance Organization), се пријавени околу 1000 учесници и официјални лица од 22 земји.

За време на викендот, на 10. и 11.11.2018. ќе се одржи Интернационален танцов натпревар DANCE OFF со над 3100 натпреварувачи. Во сабота во СЦ Јане Сандански на програмата се хипхоп , диско , брејкденс, а во недела латино шоу и танци во двојки. Во недела истовремено ќе тече и натпревар во Македонската Опера и Балет во класичен балет, модерен балет, џез денс и др.

Најдобрите од Dance Off ќе се натпреваруваат на Гала вечер која ќе се одржи во МОБ во недела од 21ч. Наградниот фонд е 5000 евра.

Сите натпревари почнуваат во 9 наутро и траат до доцна попладне, а целодневна влезница чини симболични 150 ден.

Организатори на овие танц натпревари се танцовите клубови БРЕЈК А ЛЕГ(Break a Leg) и ИТ ДА БИТ (Eat the Beat).
Покрај Трајче Петковски, менаџер на Брејк а Лег, претседател на Македонската Асоцијација за модерни танци (МАМТ) и интернационален IDO судија и Илија Карадакоски, менаџер на Еат да Бит, генерален секретар на МАМТ и интернационален IDO судија, на вчерашната прес конференција присуствуваа и Кирстен Дан Јенсен од Данска, потпретседател на Интернационалната Танцова Организација (IDO) и Карстен Рот од Германија, супервизор на натпреварите и потпретседател на Германската Танцова Федерација.

Кирстен Дан Јенсен истакна дека IDO, во која членуваат 95 држави, ја довери организацијата на овие значајни танцови првенства на клубовите Break a Leg и Eat the Beat, поради нивната извонредна организација на претходни два танц натпревари и дека по подолго време одржување танцови настани во Западна Европа, конечно има натпреварувања од највисок ранг во Македонија и јужниот дел од Балканот.

Петковски и Карадакоски ја објавија и ексклузивната вест дека на двата клуба им е доделена организацијата на Светско првенство во латино шоу и синхро денс во декември, 2020 година.

Објавено:
7 ноември 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
199 пати