Животот е игра, уметноста е живот – изложба на Љубица Мешкова Солак

15 мај 2015

Авангардната современа уметница Љубица Мешкова Солак вечерва ја отвора својата седма самостојна изложба, во галеријата „Магаза“ во Битола со почеток во 20 часот.

Изложбата насловена „Life is a game, Art is life“ (Животот е игра, уметноста е живот) создава интерактивна комуникација помеѓу авторот, публиката и делото, што е карактеристично за уметничкиот профил на Мешкова Солак.

Љубица Мешкова Солак Фото: Коста Дупчинов Љубица Мешкова Солак
Фото: Коста Дупчинов

„За оваа изложба користев комбинирани техники и материјали, интервенција на предмети, односно игра и трансформација и креирање на приказни“, вели уметницата за поставката која вклучува комбинација на слики и објекти.

Откако изложбата вечерва премиерно ќе биде поставена во Битола, авторката најавува дека наскоро ќе има можност да ја види и публиката во Скопје.

Покрај тоа што Мешкова Солак е препознатлива по богатиот колорит во нејзините уметнички дела врз основа на што создава автентичн авторски потпис, таа исто така е љубител и на модниот дизајн како уметничка експресија, па во повеќе наврати до сега бевме сведоци на суптилната врска помеѓу нејзината уметност со модниот свет.

Таков беше и проектот што уметницата го започна минатото лето, а вклучува поставка на нејзини уметнички дела во продавници на елитни брендови во Дубаи, што се реализираше благодарение на комуникацијата со Виолета Силјановска, која како моден дизајнер работи за модниот бренд  „Хакет“ во Лондон, а е дел од групацијата  „Чарлхаб“ која пак ги има франшизите за модните етикети како: Пол Смит, Миу Миу, Прада и други.

 

Објавено:
15 мај 2015
Категорија: 
Култура