18 години Марили: Жените за жените

28 март 2014

APS_2535

„Никогаш не сонував за успех. Работев за успех“, рече Есте Лодер, една од најпознатите бизнис жени во светот, која зад себе остави бренд и синџир продавници со нејзиното име. А токму тоа го прават и 11-те македонски жени менаџери, на кои вчеравечер во „Музејот на македонската борба“ им беа доделени признанија од агенцијата „Марили“.

Ова е 18-то изднание на настанот зад кој покрај госпоѓата Лидија Трипуноска, генерален менаџер во „Марили“, застана и министерката Елизабета Кнческа-Милевска, која ги поздрави присутните и традицијата на манифестацијата.

APS_2445

Водител на настанот беше Ели Танасковска, која ги сподели своите впечатоци за настанот.

-Осумнаесет години избор на 10-те топ менаџерки, а исто толку години  прославува и агенцијата „Марили“. Но, нивната работа е значајна бидејќи на нас обичните луѓе, да речам, ни го претставија женското претприемништво, она што значи следење на новите текови и наметнување на нови начини како треба да се работи и шти треба да значи женското претприемништво кај нас - вели Танасковска.

APS_2314A

Таа додава дека според податоците на агенцијата и нивната работа, односно оние што се регуларно и официјално избрани. Македонија има околу 200 успешни жени, но со оглед дека бројот секојдневно се зголемува, особено помеѓу младите, реалната бројка е многу поголема.

Ја допревме и темата околу тоа колку изгледот е важен за успехот на една жена. Убавата водителка смета дека изгледот и впечатокот што го оставате се важни за успехот, односно за тоа како останатите ве перцепираат. За оваа пригода, таа се одлучи за тоалета од модната куќа Елена Лука.

APS_2408

-Успешната жена треба и добро да изгледа. Елена Лука е мојот прв избор и мојот прв соработник. На почетокот ми беше откровение, но со тек на време си се научивме, па со задоволство ги прифаќам нивните сугестии. Заеднички сметавме дека зелената боја во комбинација со златна ќе биде добар избор за оваа пригода - ни објасни Ели.

Со оглед дека се работи за значајна година, од агенцијата се одлучија да отидат чекор понапред. Се работи за хуманитарната акција насловена како „Жените за жените“, а токму Елена Лука е една од жените, односно фирми кои се приклучија кон овој хуман гест.

APS_26611

- Славиме полнолетство, а за таа цел решивме да организираме хуманитарна акција, со која жените ќе им помогнат на жените. Со помош на донации, успеавме да обезбедиме апарат за биопсија и рано откривање на карцином на Клиниката за радиологија и онкологија. Сметавме дека полнолетството е вистинскиот момент да направиме нешто вака сериозно. Исто така, оваа година за прв пат ќе доделиме и признание на жена од општествениот сектор, а со овој настан сакаме да го прославиме и полнолетството на бизнис каталогот што ја претставува Македонија како посакувана дестинација од повеќе апспекти. Благодарност до сите соработници, затоа што без нив не би биле тоа што сме - изјави Трипуноска.

APS_2426

Таа не пропушти да потенцира дека секоја од овие жени, како и сите оние што досега биле дел од оваа манифестиација се карактеризираат со истрајност, упорност, енергија и секако успех. Она што посебно ја радува е трендот на млади жени менаџерки во Македонија, чија работа допрва ќе се види и чиј успех допрва ќе биде забележан.

Годинешните избрани жени менаџери за 2013 година се Маријана Ангелоска, заменик генерален менаџер во „Ариљеметал“ Скопје, Марина Бадаровска Мишевска, хотел менаџер на „Казино Фламинго“ Гевгелија, Маја Димовска генерален менацер во „Чокографија Македонија“ Скопје, потоа Тања Дејановска, генерален менаџер во ПЗУ „Дентал Интернационал Дејаноски“ Скопје, Евгенија Зафировска, генерален менаџер во Друштво за услуги „Бестел“ Скопје, Даниела Поперкоска, генерален менаџер во „Луцерн ВИП“ Скопје. Успешната работа на Анета Антова Пешева генерален менаџер во „Унет Ултра“ Скопје беше исто така забележана, како и на Магдалена Симоновска, генерален менаџер во ДТПУ „Шевро“ Куманово и Славица Тодоровска, генерален менаџер во „Хемофарм“ Скопје.

Ирена Мишева, претседателката на Советот на Град Скопје е жената која го доби признание за најдобар менаџер од општествениот сектор.

Меѓу бројните припаднички на поубавиот пол, се појави и директорот на Клиниката за радиологија и онкологија, Милан Ристески, кој ја ја поздрави акцијата и ја искажа својата голема благодарност за апаратот.

APS_2569

Освен семејството и пријателите поддршка на овие жени, а и на агенцијата им оддадоа и голем број гости меѓу кои и Есма Реџепова, Лилјана Попова, дизајнерката Антонија Ристеска, како и Виолета Томовска, која ја прашавме за нејзините впечатоци:

- Па, јас и порано сум била гостин и драго ми е што трае оваа традиција. Исто така, убаво е што во Македонија има голем број успешни жени, менаџери и можам да кажам дека се посилни од мажите. Тоа се жени докажани на своето работно место, но не се менаџери во својата младост, па имаат време да се посветат само на работата, туку се веќе прекрасни сопруги и мајки, кои успешно си ја вршат работата. Ги има и во приватниот сектор, во поголемите претпријатија, и сметам дека треба да бидат уште повеќе застапени - изјави Томовска.

APS_2345A

А на прашањето колку според неа изгледот влијае врз успехот, таа вели:

- Изгледот е важен, но знаете како, жената како менаџер ја замислуваме построго облечена, класично. Сметам дека со облеката ја надополнуваат својата работа, елеганција, дипломатија на работното место, бидејќи работат со многу различни профили на луѓе, како и контактите што ги имаат надвор од работното место и обратно.

Долгата традиција на оваа манифестација покажува дека ова е одлична можност да се проследи работата на жените, да се даде признание за нивниот успех, а воедно да претставува поттик и за нови достигнувања. Ова е добра можност да се види дека мажите имаат силна конкуренција во бизнис светот и дека генерално светот одамна не е само „машки.

 

Објавено:
28 март 2014
Категорија: 
Актуел