Ајрис Апфел го прослави 95-от роденден со Macy’s

1 септември 2016

Два дена после 95-тиот роденден, модната икона Ајрис Апфел вчера во Њујорк ја промовираше својата колекција во соработка со Macy’s, насловена како „Iris Meets INC“. Тимот реши да ја изненади и да ѝ организира прослава и торта со нејзиниот лик.

За пригодата се облече комплетно во парчињата од новата линија – фустан со принт инспириран од 1960-тите, чизми над колена и секако многу ѓердани и препознатливите очила.

-Сѐ што имам на мене е INC. Многу ми се допаѓаат парчињата од колекцијата. Одличен дизајн, совршен крој. Не можам да опишам колку добро стојат и каков е квалитетот на ткаенините. А што се однесува до цените – сите се под 200 долари – вели Ајрис.

Колекцијата содржи вкупно 40 парчиња, а и изложбените кукли се нашминкани како модната икона. Инаку, покрај ова, Ајрис во моментов работи и на колекција накит за HSN, како и на линија „емоџи“, а се појавува и во неколку модни кампањи.

Нејзиниот совет за да се остане активен на 95 години е:

-Останете заинтересирани, кренете го задникот и правете нешто!

На прашањето пак, која е нејзината омилена модна декада ќе каже:

-Никогаш не размислувам во таа насока. Сметам дека трендовите се смешни. Треба да гледате во огледало и да знаете кои сте и што ви стои, што не ви стои, а не да се облекувате онака како што ќе ви кажат!

Ајрис ги охрабрува жените да се држат до нивната индивидуалност во секоја декада од животот. А дали за неа постои лош стајлинг?

-Никогаш не сум размислувала за тоа, но зошто да не. Постојат добри и лоши работи – секаде има и добро и лошо, зошто комбинацијата или стајлингот би се двоеле од тоа? Лош стајлинг зависи и од личноста што го носи. Некои луѓе знаат да носат нешто што на други би изгледало ужасно лошо – вели Апфел.

После девет декади во модната индустрија, Ајрис со сигурност има право да каже што и се допаѓа и да каже сѐ што мисли.

Кога се новите генерации модни икони во прашање, и тука е без влакна на јазикот.

-Би им порачала да знаат кои се – да знаат како изгледаат и со што се чувствуваат комотно, што им е во ред. Индивидуалноста е толку важна, но мислам дека е изгубена.

 

 

 

 

Објавено:
1 септември 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.448 пати