Таа е автор, ТВ презентер и модел, а од неодамна реши своите креативни модни претензии да ги презентира во рамките на брендот Томи Хилфигер. Имено, Чанг е новиот надворешен соработник на модната куќа и нејзина задача ќе биде да ги одбере најдобрите, односно „must – have“ парчињата облека од зимската колекција на брендот наменета за дамите.
Чанг ќе се обиде во палетата модни парчиња од Томи Хилфигер да го претстави својот омилен стил и изглед низ продавниците на брендот ширум светот. Селекцијата на модни комбинации ќе се прави секој месец почнувајќи од сега, па се до јануари. Креациите и модните мозаици ќе бидат објавени и на интернет страната на куќата за што поголема мобилност и достапност за сите оние клиенти кои не се во можност да ги посетат продавниците.
„Алекса е вистински синоним за „It“девојка, таа е кул, паметна со неверојатен сенс за мода. Таа знае како да ги комбинира актуелните тенденции со безвременската класика и секогаш презентира уникатни визии. Со помош на Алекса сакаме на нашите клиенти да им овозможиме инсајдерски поглед токму во нејзиниот моден свет, обоен со наши модели и креации од најновата колекција за жени за сезоната есен-зима 2014/15. Комбинациите ќе бидат презентирани и на интернет, на нашата он лајн страна, како и во сите мои продавници“, изјави Томи Хилфигер.
Алекса Чанг пак, изјави дека за неа претставува навистина голема чест што соработува со еден ваков моден гигант.
За месец октомври, комбинацијата на Чанг вклучува џемпер со качулка, црно лелеаво здолниште во А-линија и црни кожени хеланки со мото детали на коленото. Исто така, манекенката направи и уште еден моден спој на предимензиониран волнен капут со должина до над колена, истите кожени хеланки со мото детали на колената, тексас кошула и рамни чевли декорирани со мек шпиц напред и шармантна тока од страната.