Алтузара ќе дизајнира за Таргет

23 мај 2014

Претходната соработка на Таргет со британскиот бренд Питер Пилото беше успешна токму поради соработката на Net-a-Porter со познатата компанија и можноста за онлајн продавање на колекцијата надвор од британскиот пазар. Всушност со појавувањето на колекцијата на онлајн шопот на 9 февруари, речиси секоја секунда се примаа по три нови нарачки.

Токму затоа Таргет сака повторно да оствари соработка со Net-a-Porter со цел новата колекција да биде пласирана на глобално ниво.  Еден од најталентираните млади дизајнери Алтузара овој пат ќе ја има честа да дизајнира за познатиот ланец на продавници.

„ Како дизајнер верувам дека убавината на модата е во трансформацијата и можноста целосно да го промените вашиот изглед и начин на размислување. Јас одамна се восхитував на елеганцијата која ја нуди Таргет. Се надевам дека со заедничката соработка ќе ја презентираме моќта и убавината која секоја жена ги поседува“ – изјави Џозеф Алтузара.

Алтузара е по потекло од Париз, а по отворањето на брендот во Њујорк во 2008 година  успеа да направи успешен спој помеѓу естетиката на француската софистицираност со американската комерцијализација. Голем дел од познатите дами носат негови дизајни, како што се Џенифер Лоренс, Кејт Босфорд, Камерон Дијаз, Кејт Бланшет и други.

До лансирањето на капсулната колекција од соработката помеѓу Таргет и Алтузара, Net-a-Porter ќе понуди ограничена едиција од 28 парчиња и модни додатоци, како најава за септемвриската колекција.

Објавено:
23 мај 2014
Категорија: 
Актуел