Најстариот модел на светот отвора онлајн академија

Дафне Селф: Денешните модели изгледаат очајно!

9 октомври 2015

Најстариот светски професионален модел, Дафне Селф смисли нов начин како да ги подучува сите што сакаат да се занимаваат со оваа професија.

Дафне е во модната индустрија од 1949 година, а своето искуство сега ќе го пренесе преку онлајн академија за моделинг, која ќе почне со работа кон крајот на овој месец.

Инаку, Селф во 1950-тите учеше во училиште за модели во родниот Лондон, каде научи какво треба да биде држењето на телото и како да влезе во спортски автомобил без да ја покаже едната ногавица на панталоните.

-Голем дел од важните работи што ги научив како млад модел, сè уште важат и се сè уште релевантни ако сакате да бидете топ модел – смета 87-годишната Селф.

Курсот ќе трае шест недели, а како вели, целта ѝ е нејзините ученици да станат најдобри што можат, да ги научат правилата, да дознаат што значи да си инволвиран во првата класа модели и да ги научат најдобрите и најлошите страни во оваа индустрија и сето тоа преку онлајн часови кои ќе се одржуваат на неделно ниво.

Оваа недела таа ќе држи бесплатни часови, при што ќе зборува за однесувањето на актуелните модели.

-Јас сакам да изгледам „наперчено“ на пистата. Денес сите изгледаат толку намуртенно, не мислите така? Зошто сите изгледаат толку очајно? Јас секогаш уживав кога сум на писта.  Не мислам дека треба претерано да ѝ се смеете на публиката, но секако сметам дека треба да изгледате пријатно – вели Дафне во интервјуто за „Тајмс“.

Во нејзините 20-ти години, таа редовно била „букирана“, но за обични задачи, а тоа било време кога моделите морале сами да се шминкаат. Потоа следеше голема пауза, сè до нејзината 70-та година. После смртта на сопругот, нејзината кариера доживува голема ренесанса, особено откако беше ангажирана за шоуто Red or Dead за време на Лондонската модна недела. На сцена потоа настапи и Vogue, па фото-сесиите со Марио Тестино, Мери Мекартни, Ранкин, што ѝ донесе уште поголем успех отколку оној во нејзините 20-ти. Во 2014-тата Дафне се најде и во Гинисовата книга на рекорди, како најстариот професионален модел.

Ова лето таа издаде и книга со наслов The Way We Wore – A Life In Clothes, а беше ангажирана и за сликање за септемвриското издание на Hunger magazine, позирајќи во новите парчиња на Прада.

-Кога јас учев за модел, нè учеа на манири, како да им пристапиме на луѓето, како да добиеме работа. Нè учеа на пристојност, што мислам дека денес недостасува – потенцира таа.

Но, нејзината критичност и незадоволство не застануваат тука. Дафне вели како веќе моделите не учат да одат одржувајќи баланс со книги на глава, што исто така би требало. Исто така, се прашува зошто веќе не се соблекуваат јакните на писта, како што тоа беше случај порано, иако оваа забелешка оди повеќе кај креативните директори отколку на недостатокот на талент кај моделите.

Дафне како Мадона, за добротворни цели

-Сметам дека со онлајн академијата ќе им кажам кои се вистинските работи, како навистина стојат работите и ќе им вдахнам на младите модели самодоверба – истакнува неуморната Селф.

Објавено:
9 октомври 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
3.191 пати