Вчера вечер во новиот објект на Македонскиот Народен Театар по четврти пат се одржа манифестацијата „Актер на Годината“, во организација на дневниот весник Дневник. Во присуство на голем број гости, љубители на театарот, но и театарски уметници, наградата „Актер на годината“, отиде во рацете на актерката Искра Ветерова за улогата на Стела Бенвениста во најдобрата претстава за 2013 година „Вечната куќа“, по текст на Јордан Плевнеш, а во режија на Дејан Пројковски. Низ содржините на манифестацијата не водеше актерот Игор Ангелов, заедно со уредничката на културната рубрика во Дневник, Лилјана Грџо Дамовска кои на Ветерова и доделија статуетка изработена од скулпторот Сашо Саздовски и паричен ваучер.
Ветерова вели дека чевлите на Стела Бенвениста се многу комплицирани за носење, но таа заедно со целиот театарски ансамбл успеала да ги износи машки и достојно да го претстави ликот.
„Се чувствувам неверојатно почестена, бидејќи ова е една од ретките награди, прво ретка бидејќи еднаш годишно ја доделува медиумот Дневник, а второ затоа што ја добива само еден актер. Критериумите се мошне високи и јас сум благодарна за ова признание“, вели актерката.
Првиот приватен весник во Македонија, Дневник со доделување на награда „Актер на годината“, го прослави своето полнолетство, односно 18 години постоење.
Меѓутоа вчерашниот ден не беше само во знакот на дневниот весник, туку беше и Светски ден на луѓето кои страдаат од Даунов синдром. По тој повод пред почетокот на манифестацијата во Кинотеката на град Скопје беше одржана кратка дружба под мотото: Носете шарени чорапчиња, бидејќи светот во кој живееме е шарен, а ние сме дел од него“, а актерката Искра Ветерова беше избрана да биде нивни патрон за оваа година. Таа во нивна чест носеше шарени хулахопки, но и чорапчиња прикачени на фустанот. Во чест на наградената беше одиграна претставата „Подемот и падот на кабарето“, во режија на Владимир Милчин.