После неколку години, Џенифер Лоренс конечно се симна од листата на најплатени актерки во Холивуд. Да ја симне од тронот ѝ успеа на Ема Стоун. Во тоа секако ѝ помогна филмскиот хит „Ла ла ленд“. Како пренесува „Форб“, Стоун годинава заработила 26 милиони долари.
За потсетување, во февруари годинава, актерката го освои оскарот за најдобра актерка, а филмот оствари заработка од 445.3 милиони долари, на глобално ниво.
На второто место е Џенифер Анистон, која во изминативе 12 месеци остварила заработка од 25.5 милиони долари. Освен стандардните улоги што ѝ носат очигледно одлична заработка, Анистон може да се пофали и со одличен прилив на прари од рекламите меѓу кои оние за Емиратската авиокомпанија, „Smartwater“, „Aveeno“, а тука е и линијата за нега на коса Living Proof, која ја продаде во декември 2016 година.
Џенифер Лоренс пак, се спушти дури на третото место со остварена заработка од 24 милиони. Неколкуте филмски хитови, како и долгата „Диор“ соработка ја одржуваат во топ три.
Листата понатаму изгледа вака:
4.Мелиса Мекартни - 18 милиони долари
5.Мила Кунис - 15.5 милиони долари.
6.Ема Вотсон - 14 милиони долари
7. Шарлиз Терон - 14 милиони долари
8. Кејт Бланшет - 12 милиони долари
9. Џулија Робертс - 11 милиони долари
10. Ејми Адамс - 11.5 милиони долари
Инаку, заедно, десетте најплатени актерки во периодот од први јуни 2016 до први јуни 2017 година заработиле 172.5 милиони долари.
Наскоро се очекува да се објави и листата со најплатените машки актери, па со тоа да се види колку изнесува разликата во заработувачката на машките и женските познати личности во Холивуд.