„Еклектика“ и „Лудус“ претставија спој на уметности и рачна изработка

11 јуни 2015

Капан Ан беше местото каде што вчеравечер и покрај дождливото време дизајнерското дуо „Еклектика“ го презентираше најновото од нив, а им се приклучи и дизајнерот Драган Христов, кој твори под етикетата „Лудус“.

Александар Милев и Моника Лозановска претставија накит за кој веруваме дека секоја жена би се вљубила.

Моника со мини-колекциите Adorn и Embracelet, типува на минималистички, но моќни парчиња накит, изработени од најразлични материјали.

- Овој пат искористивме материјали од цел свет. Неодамна се вратив од патување од Кина, каде бев речиси месец и пол и од каде набавив многу материјали. Мене ме инспирираат материјали. Седнувам, се конектирам со нив, почнувам да размислувам и тие ме носат онаму каде што треба. Во колекцијата Embracelet се искористени месинг, сребро и полудраги камчиња. А Adorn колекцијата е составена од прстенчиња. Таа приказна потекнува од едно такво тенко, мало прстенче кое пред шест-седум години им го направив на сите најдобри другарки, а кои што уште го носат. Секогаш мислев дека малото прсте треба да е декорирано, така и тргна идејата со малите прстенчиња. Притоа направивме мало истражување, па сите прстенчиња што се ставаат на малиот прст, на сите други прсти стигнуваат до половина пат. Прстенчињата се украсени со камчиња што одлично се совпаднаа и поради нијансите создаваат една убава приказна – објасни Моника за накитот кој е апсолутен тренд насекаде во светот.

Прстените пак изработени од Александар Милев, обединети под називот Elven, се инспирирани токму од самовилите:

-Самовилското од секоја жена, моќното, волшебното што излегува од секоја жена, за мене претставува инспирација. Тој магичен момент кој е помеѓу свесното и несвесното ми е предизвик и тоа сакам да го преточам во накит, па секоја жена што ќе го носи да се чувствува баш така, моќно и волшебно.  Инаку, независно дали кога свирам или креирам накит, морам за некого да го правам. Секогаш имам инспирација од конкретна личност, или личности. Кај Мони на пример, има посимплифицирани моменти. Таа сака да го долови едноставниот начин на изработка на накит. Таа го бара едноставното во жената. Јас внатрешното, а таа едноставното и така и работиме – вели Александар.

Тој додава дека следниот чекор ќе биде креирањето на масивни ѓердани со големи камења, приврзоци и нараквици, за да биде комплетно опфатено самовилското во накитот.

-Накитот е нешто што ја разубавува жената, но многу е важно како таа ќе го усогласи во својот изглед. Многу ни е важна и комуникацијата со клиентите, бидејќи на тој начин ги ослушнуваме нивните желби и замисли. Оваа година, како и претходната, обрнавме големо внимание на тоа како ќе ни биде презентиран накитот. Можам да кажам дека многу се вложивме во тоа, ги работевме дури и повеќе време отколку накитот можеби, но на крајот мислам дека сè изгледа одлично – потенцираше Моника.

IMG_7164

Освен накит, присутните имаа можност за првпат да ги видат и модните додатоци со потпис на Драган Христов, односно „Лудус“, а се во рамки на неговата најнова колекција Orlando:

-Покрај веќе презентираната колекција Orlando, за пролет-лето 2016, која што претставува родова неутрална облека, односно облека за двата пола, направени се и модни додатоци, односно првите продажни прототипи на еспадрили и чанта. Тргнав од идеи што ги имав од многу одамна. Сакав да направам лесни летни чевли, што од една страна наликуваат на домашни обувки, но можат да се носат и надвор.Оваа мини колекција е изработена од рециклирани материјали, реупотребени кожи, и работев во насока на еко-свест, односно самоодржлива мода- ни објасни Христов.

Тој смета дека Македонија храбро зачекорува на сцената на еко-модата.

- Веќе имаме и една онлајн продавница што продава исклучиво самоодржлива мода на македонски дизајнери, има и неколку настани, така што мислам дека стапуваме во чекор со овој тренд што е засега многу силен.

Во продолжение, ви презентираме дел од вчерашните изложени парчиња и атмосфера:

Објавено:
11 јуни 2015
Категорија: 
Актуел