Елена Лука ќе ги дизајнира униформите за Градскиот дувачки оркестар

13 октомври 2014

Етаблираниот македонски моден бренд Елена Лука ќе ги дизајнира униформите за членовите на Градскиот дувачки оркестар на Град Скопје.

Модниот бренд беше еден од конкурентите на објавениот конкурс за изработка на дизајн за униформите, а денеска им беше врачено и признание во просториите на Универзалната сала.

Како што изјави и директорката на Универзалната сала, Вера Бошковска, одлуката воопшто не била лесна.

„Станува збор за јавен конкурс што беше објавен во печатените медиуми. Имаше четири пријави, а комисијата ја сочинуваа членови кои се вработени во Универзалната сала, бидејќи ние сме иницијатори на самиот проект. Искрено, немавме лесна задача во однос на донесувањето на конечната одлука. Сепак, на крај комисијата едногласно реши дека идеите на Елена Лука се вистинскиот избор“, рече директорката Вера Бошковска.

Бошковска додаде и дека на нејзинат огромна чест и задоволство, за прв пат во историјата на Градскиот дувачки оркестар, членовите ќе добијат соодветен стајлинг.

„Ова се случува за прв пат, после толку време членовите на дувачкиот оркестар ќе бидат облечени соодветно и со гордост ќе ги носат своите дизајнерски униформи на било која манифестација или настан каде што во иднина ќе учествуваат“, завршува директорката.

Објавено:
13 октомври 2014
Категорија: 
Актуел