Во просториите на Националната Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, вчера се одржа првата од тирите вечери на 17-тото издание на Моден викенд Скопје.

Неочекуваниот избор на локација побуди интерес кај публиката, а се покажа како место кое може да функционира и за еден ваков настан.

Со тоа имавме и едно поинакво доживување на колекциите од вчерашната програма.

Седумнаесетото издание го отворија колекциите на младите дизајнери Роберт Ивановски и Евгенија Зафировска.

Роберт Ивановски

Дизајнерот Роберт Ивановски остана доследен на својот естетски израз, комбинирајќи ја сликарската уметност и модата, создавајќи креации и за мажи и за жени. Овој пат, колекцијата со наслов „The garden of earthly delights“ е инспирирана од познатото дело „Градина на земните задоволства“ на Хиеронимус Бош. Така, на секоја од креациите (фустани, панталони во комбинација со горен дел, асиметрични комбинезони, здолништа) содржеше отпечатоци од сликата, а во комбинација со црна ткаенина, со што принтот дојде сосема во преден план.

Роберт Ивановски

Инаку, ова е дело од 16-от век, сега сместено во музејот „Прадо“ во Мадрид, а Ивановски го пренесе пред домашната публика на еден урбан и тренди начин, создавајќи парчиња што можат да бидат комерцијални, а сепак да се издвојат. 

По оваа, следеше колекцијата „Архитектура во движење“ на Евгенија Зафировска. Таа презентираше комплетна приказна, инспирирана од јапонската традиција во комбинација со архитектурата на Кензо Танге. Од чевлите, до целосниот изглед на моделите, Зафировска успеа да ги спои архитектурата и модата на привлечен и нослив начин.  

Евгенија Ена Зафировска

Силуетата е мешавина на контрасти, чувство на симетрија и рамнотежа кои ултимативно креираат кохезивна композиција. Впечатливи беа и 3D структурите, па на тој начин присутните вчера имаа можност да се запознаат со една нова и привлечна естетика, што вклучува различни техники и рачна изработка, што станува и нејзина препознатливост.

Евгенија Ена Зафировска

„Kaly Rose by Katarina Luka“ е третата колекција која ја видовме во рамки на овој прв ден од пролетното издание на Моден викенд Скопје. Креациите се инспирација од популарната постапокалиптичка фикција и филмот „MadMax“. Обединети под превезот на авангардноста, беа претставени 25 машки и женски креации, каде доминира кожата како ткаенина и црната нијанса. Сето тоа во комбинација со накит е заокружување на оваа алтернативна приказна на Катарина Лука, која за првпат се појави пред нашата публика.

Катарина Лука

Катарина Лука

Со првите звуци на секси верзијата на „Crazy in love“ и останатите песни од остварувањето „50 нијанси на сива“, на пистата се појавиja манекенки во црвени креации. Тие и доминираа како резултат на инспирацијата на дизајнерката Зана Алиу за колекцијата „Red&The Spectrum“ која во фокусот ги става желбата, страста, љубовта. 

Зана Алиу

Зана Алиу

Но, освен црвените, видовме и креации во жолта, сребрена, пастелно розова, со што дизајнерката сакаше да даде интензитет, динамика и женственост при презентирањето на приказната, како вели дизајнерката, патување низ животот секогаш со убави тонови.

Fingerprint

Првата вечер од ова издание на Моден викенд Скопје го затвори ревијата на „Fingerprint“ и нивната колекција „Macedonian beauty“. Станува збор за креации кои се 100% осмислени и направени во Македонија, односно маици со 16 различни принта, а презентирани од “обични“ урбани ликови.

Fingerprint

Вечерва на програмата ќе бидат ревиите на Студентите од факултетот за Арт и Дизајн при Европски универзитет во Скопје, Берна Сарачи од Косово, Ателје „Коцарова“ и Pallada.

За потсетување, 17-тото издание на Моден викенд Скопје е под мотото „ What Feeds Your Imagination“.

Објавено:
31 март 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.249 пати