Франција: Крај за преслабите манекенки и погрешните идеали

9 мај 2017

За забраната на премногу слабите манекенки во Франција се зборуваше уште од 2015 година, но борбата конечно ја добива својата завршница и тоа со закон.

Со цел да се спречи ширењето и наметнувањето на погрешни идеали меѓу младата популација, како и да се заштити нивното здравје, овој закон значи забрана за ангажирање на анорексични манекенки.

За да бидат ангажирани, отсега девојките што сакаат да се занимаваат со оваа професија ќе мораат да обезбедат потврда од доктор дека се во добра здравствена состојба и дека Индексот на телесна маса (БМИ) изнесува над 18.5 (нормални вредности од 18.5 до 24.9).

Денес, просечните модели во Франција имаат БМИ 16, што е загрижувачка ситуација.

Потврдата ќе важи две години.

Работодавците пак, што нема да се придржуваат на пропишаните норми, ќе подлежат на казна која може да изнесува 75.000 евра или шест месеци затвор.

Исто така, во откромври ќе стапи на сила и законот според кој, сите фотографии на манекенки и модели наменети за комерцијални медиуми (магазини, билборди, печатени реклами и слично) кои се изменети преку Фотошоп или друга компјутерска програма, ќе подлежат на кривична одговорност. Односно, доколку се интервенира, ќе мора да биде јасно назначено, па макар да се работи и за минимална употреба.

Оние што ќе направат пропуст, ќе платат казна од 36.700 евра па до 30 проценти од рекламниот буџет на продукцијата.

Една студија од 2006 година, покажа дека на дневно ниво ние гледаме и до 5.000 реклами, оваа мерка не е воопшто за потценување.

Инаку, во Франција околу 600.000 млади луѓе страдаат од нарушувања со исхраната, а 40.000 имаат дијагностицирана анорексија.

Ова чувствително прашање е регулирано и во Италија, Шпанија и Израел.

Пореметувањата во исхраната се втората најраспространета причина за смртта на млади од 15 до 24 години, а првата се сообраќајните несреќи.

Објавено:
9 мај 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
406 пати