Изложба на продукт дизајн прототипи во Концепт 37

17 февруари 2015

Во урбаното кафуле Концепт 37 утревечер во 20 часот ќе се случи една поинаква изложба, каде млади и талентирани македонски дизајнери ќе ги прикажат своите производи инспирирани од темата „Македонското сонце – извор на здрав живот и храна“.

Неколкуте македонски дизајнери имаа можност во рок од 15 дена да ги дизајнираат своите први прототипи на производи што премиерно ќе бидат прикажани утре во кафулето Концепт 37 на „Рузвелтова“.

Изложбата е насловена како „First of a Kind“, а истата е направена и реализирана од Public Room во соработка со Амбасадата на Соединетите Американски Држави и Министерството за култура на Македонија.

Учесници на работилницата ќе бидат Александра Павловска, Елена Цветановска, Марија Павлова, Даниел Кочоски, Љупчо Богоев, Ева Илоска, Љубица Лазова, Ангелина Шулевска, Јулија Чочовска, Сара Лешникоска, Христина Младеновска, Ева Дејаноска и Лилјана Настова.

Во изминатите 15 дена тие работеа под менторство на Ивана Боровњак (Хрватска) и Јана Ацевска (Македонија), додека супервизори за продукција на прототипите беа Натали Ристовска и Тамара Георгиевска.

Се гледаме во Концепт!

Објавено:
17 февруари 2015
Категорија: 
Актуел