Кралот Чарлс Трети прогласи период на кралска жалост за неговата покојна мајка, кралицата Елизабета Втора, по нејзината смрт минатиот четврток. Деновите на жалост ќе траат дополнително уште една неделна по нејзиниот погреб, кој треба да се одржи во понеделник, на 19-ти септември во Вестминстерската опатија.
За време на целиот овој период и сите церемонии и различни настани што ќе бидат одржани во чест на кралицата, членовите на кралското семејство треба да се придржуваат на конкретен кодекс на облекување во знак на почит кон долгогодишниот монарх.
За време на неделите на жалост, ќе се одржуваат различни настани во чест на кралицата Елизабета: служба на благодарноста во катедралата „Свети Гилс" во Единбург, поворка до Вестминстерската сала и служба на молитва, бдение во салата Вестминстер, како и богослужбата во капелата „Свети Џорџ" во Виндзор.
На тие церемонии, сите машки членови на кралското семејство, кои го претставуваат кралството, мора да носат воени униформи, пренесува Harper's Bazaar. Но, тука е битно да се подвлече дека принцот Хари, не добил дозвола да ја носи својата униформа, со оглед на тоа дека тој заедно со неговата сопруга Меган Маркл се откажаа од нивните формални улоги во кралското семејство што подразбира и значително помал број кралски должности.
Како што налага традицијата и обичаите на кралското семејство за погреби и церемонии на жалост, другите присутни ќе носат црно.
На денот на погребот, дамите од кралското семејство ќе носат црни фустани со должина до колената и формални шапки. Се очекува да носат и црн вел, за дополнителна интимност во моментите на длабока тага.
Кралицата Елизабета Втора почина во 96-та година од животот, Воедно таа беше и најдолговечниот британски монарх кој остана цели 70 години на тронот.