Карл Лагерфелд: За ништо не би ја напуштил модната индустрија!

20 декември 2014

Првиот човек на модната куќа Шанел, Карл Лагерфелд (79), вели дека никогаш не би ја напуштил модната индустрија и дека воопшто и не планира да забави со темпото!

„Зошто да забавам? Тоа е досадно! Водам многу здрав живот: не пушам, не јадам многу, не пијам и никогаш не сум се дрогирал, па мислите сѐ уште ми се кристално јасни. Затоа немам ни потреба да успорам“, изјави за Би – Би – Си Лагерфелд.

Познатиот дизајнер верува дека никогаш не се однесувал лошо со неговите вработени и дека никогаш и не бил „опасен“ за нив, токму поради тоа што некои од нив работат за него многу долго време.

И додека некои од најпознатите во светот на модата, многу често имаат проблем со инспирацијата и креативноста, тој е дефинитивно неисцрпен кога станува збор за модните идеи.

Лагерфелд во интервјуто за Би – Би – Си додава и дека никогаш не планира да ја напушти модната индустрија, бидејќи тоа не е во согласност со желбите на љубителите на неговиот бренд.

„Ние креираме производи што на никој не му требаат, но луѓето ги сакаат. Доколку сакате грд стар автомобил, тоа може да почека, бидејќи новиот моден хит не може“, додава Лагерфелд.

Објавено:
20 декември 2014
Категорија: 
Актуел