Кејт Бланшет главна модна ѕвезда на црвениот тепих во Венеција

2 септември 2022

Кога е во прашање Кејт Бланшет и нејзините појавувања на црвениот тепих, очекувањата се секогаш огромни. И никогаш не разочарува, што веројатно ретко кому му успева. Кејт Бланшет е токму една од тие ретките која секогаш се надминува, па и во модна смисла.

Вчера беше главна атракција на црвениот тепих на 79-то издание на Венецискиот филмски фестивал, на премиерата на нејзиниот нов филм „ Tár", во режија на Тод Филд.

Фото:Vogue/Getty

Ја видовме и во дневно и во вечерно издание, подеднакво фантастична.

Елегантно, но не тривијално – така го пренесуваат светските модни магазини својот впечаток од појавата на Кејт Бланшет на црвениот тепих, каде слободно може да кажеме дека се издвои како модна ѕвезда на вечерта, покрај нејзината големина како актерка.

Фото:Vogue/Getty

Фото:Vogue/Getty

Носеше кадифен црн комплет со корсет и „палазо" панталони од новата couture колекција на Скјапарели. Но, битниот акцент што оваа елегантна комбинација ја издвои како посебна е букетот со рачно цртани цвеќиња поставени внатре во корсетот. И така се случи модна магија за која денеска сите модни медиуми зборуваат.

Но, ништо не е случајно во изборот на токму ваков стајлинг.

Во „Tár", Кејт Бланшет ја толкува главната улога, првата жена диригент во Германија, Lydia Tár, фиктивен лик што го измислил режисерот Филд. Нејзиниот стајлинг за премиерата на филмот, е интерпретација на елегантните црни одела на диригентите на сцена и букетот што најчесто тие го добиваат по концертот, вешто стилизирани во артистичен изглед што не ја засенува женственоста.

Фото:Vogue/Getty

Претходно пак, Кејт Бланшет во текот на дневните фестивалски активности, се појави во исто толку впечатлив комплет во нежно сина нијанса, потпишан од светски етаблираната дизајнерка со српско потекло, Роксанда Илинчиќ.

Фото:Vogue/Getty

Објавено:
2 септември 2022
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
691 пати