Првиот ред на модните ревии кои се одржуваат во склоп на модните недели во светот секогаш биле целна мета на новинарите, но и важна поддршка за дизајнерите. Вообичаено свечените места во првите редови се резервирани за познатите ѕвезди од шоу бизнисот, модните уредници, но и купувачите. На модната презентација на атељеата Версаче, Скјапарели, Диор и Сен Лоран имавме можност да забележиме голем број на познати личности од музичката, филмската и модната индустрија. Жан Пол Готје, Азедин Алаја, Карла Бруни, Лејди Гага, Марио Тестино, Ел Макферсон беа само дел од луѓето кои ги испочитуваа дизајнерите и дојдоа да ја проследат презентацијата на „кутур“ колекциите пролет-лето 2014/15.
Како што се очекуваше додека траеше модниот перформанс на Версаче во позадина се слушаа нотите од најновиот албум на Лејди Гага, која беше во центарот на вниманието и седеше во првиот ред веднаш до фотографот Марио Тестино, актерите Алан Ритчсоном, Нолан Жерар Фанк и францускиот модел Карин Фери.
“Mind the step!”, беше насловот кој го одбележи модното шоу на Кристијан Диор. Интимниот простор покрај креативната енергија, беше потполнет со голем број на славни личности, меѓу кои Кејт Босфорт, Алисон Вилијамс, Олга Кириленко, Изабел Ипер кои дојдоа да го задоволат својот љубопитен моден апетит.
Скјапарели и Сен Лоран предизвикаа особен интерес кај публиката. Најмаркантна меѓу гостите на ревијата на Сен Лоран беше актерката со шпанско потекло Селма Хајек на која андрогениот стил одлично и прилега, а на модниот перформанс кај Скјапарели главни гости беа Жан Пол Готје, поранешната прва дама на Франција Карла Бруни и жената на која годините не и можат ништо Ел Макферсон.
Во продолжение погледнете ја галеријата: