Париз градот на светлината, љубовта и високата мода беше дом на голем број светски познати ѕвезди, модни уредници, дизајнери, модели, луѓе од шоу бизнисот, музичката и филмската индустрија, по повод модната недела, која секоја година се одржува во француската престолнина. Градот понуди топла прегратка за сите кои сакаа да бидат дел од модното случување, моделите ги презентираа прекрасните креации директно на модните писти, но и толпата купувачи и ѕвезди доби ексклузивна можност по париските улици да ги прошета своите скапоцени модни дизајни. Модната недела на која дизајнерите ги промовираа своите колекции за претстојната жешка сезона пролет-лето 2014 започна во неделата со модните ревии на едни од најреномираните имиња во модната индустрија, Версаче, Шанел, Диор и Армани имаа можност да ги прикажат своите креации. По дефиниција поимот „haute couture“ (висока мода), претставува нешто многу повеќе од само наменско носење на соодветно сошиен модел на облека. Имено во Франција, брендовите кои создаваат висока мода се заштитени со закон и се избрани да бидат дел од модните проекции во рамките на неделата, базирани врз критериуми поставени од страна на Трговската и индустриската комора на Париз, (Chambre de commerce et d'industrie de Paris). Со други зборови, ова е кремот на кројот во шивачкиот свет. Сепак за многумина „haute couture“ е недела каде можат да се видат голем број на познати личности и место каде се присуствува за да те видат, а не да видиш.
ВЕРСАЧЕ
Неделата почна со модниот перформанс на Ателјето Версаче, за кој многу се зборуваше. Првите редови беа резервирани за вип личностите како фотографот Марио Тестино, моделот Карин Фери, актерите Алан Ритчсоном и Нолан Жерар Фанк, како и ексцентричната пејачка Лејди Гага, која од страна на дизајнерката Донатела Версаче е прогласена за заштитно лице на пролетната кампања 2014. Пејачката беше облечена во долга црна тоалета со качулка на глава, брановиден изглед на фризура и бронзено зачаден изглед на шминка.
СКЈАПАРЕЛИ
Долго очекуваното деби на Марко Ѕанини за модниот бренд Скјапарели, кој прв пат после 60 години го означи големото враќање на етикетата по пистата на модната недела можевме да го проследиме во понеделникот. Драматичната елеганција на моделите кои дефилираа по пистата беа следени од будното око на Ел Макферсон, која на розовиот килим беше дочекана со овации, дизајнерот Жан Пол Готје како и од поранешната прва дама на Франција Карла Бруни, која својата убавина ја потенцираше преку минимализмот користејќи нежен сјај за усни и туш за очи.
КРИСТИЈАН ДИОР
Модната куќа Диор, за пролетната сезона одлучи да промовира еден неутрален моден пристап во поглед на изборот на боите користејќи ги црната, белата, сината и на моменти црвената нијанса. Како најмаркатни во своите изгледи од оние што присуствуваа да ја проследат ревијата ги издвоивме: Олга Кириленко, Кејт Босфот, Лили Собијески и Алисон Вилијамс кои овој пат се потпреа на едноставноста како во шминката и фризурата, така и во поглед на модните изгледи.
ЏАМБАТИСТА ВАЛИ
Ако Диор не ја обои пролетта доволно, тогаш Џамбатиста Вали презентираше живописни нијанси на кралско сина, жолта и загасито бела и црна боја, кои измамија воздишки особено во првите редови каде што седеа Елена Перминова, Татијана Казираги, модната уредничка Ана Винтур и стилската икона Мирослава Дума, која носеше мантил со леопардов принт, во впечатлива нијанса на црвен кармин и фризура од ’40-тите.
ШАНЕЛ
Дизајнерот Карл Лагерфелд, реши модното шоу на Шанел да го промовира во ноќен клуб чиј амбиент специјално за настанот беше трансформиран во ледена палата. Дали трендот со комбинациите на патики ќе го следат и познатите личности кои седеа во првата постава на шоуто, останува да видиме. Лагерфелд, како свои гости ги имаше Каролин де Магрет, Стела Тенант, Ана Муглалис чиј стајлинг беше невообичаено сличен со оној на дизајнерот. И на оваа ревија познатите потврдија дека шминката не е оснава за поубав изглед.
ЖАН ПОЛ ГОТЈЕ
Во средата сите овации му беа посветени на Жан Пол Готје, кој како свој таен адут ја искористи Дита вон Тис која се појави на пистата во креација од експлицитен корсет со максимално тесна половина. Првите „борбени“ редови кај Готје ги бранеа: шпанската актерка Пас Вега, неговата верна обожавателка актерката Кетрин Денев и многу други.
АРМАНИ
Црвениот килим никако не може да помине без кралот во модната индустрија Џорџо Армани. Неговата пролетна колекција претставува склоп на вечерни тоалети и фустани што сигурно ќе ја обојат оскаровската вечер. Палома Фејт, азиската актерка Занг Зији и актерката Кристин Скот Томас, беа воодушевени од презентацијата и со своите изгледи докажаа дека и остануваат верни на класиката.
ЕЛИ САБ
Модниот перформанс на Ели Саб ќе остане најзабележан оваа година по шармантниот пад на една од манекенките. Доколку се одземе оваа немила случка, целото шоу помина беспрекорно во стилот на пастелните нежни нијанси и волуменозни кроеви на женствените цветни тоалети. Во предниот ред на ова шоу беа: Пас Вега, Клотилде Куро, Ана Маривин и Олга Кириленко која се појави во зелен фустан, сандали со отворени прсти, клач-чанта, коса собрана во коњско опавче и минимална шминка.
ВАЛЕНТИНО
Дизајнерите на модната куќа Валентино, Марија Грација Кјури и Пјерпаоло Пичоли, инспирацијата за пролетната линија ја побараа во музичките ноти на оперските дела. Модните петолинија со своето присуство ги запишаа Флоренс Велч и Олга Кириленко, кои изгледаа прекрасно.
ЗУХАИР МУРАТ
Зухаир Мурат дефинитивно достоинствено и со стил ја затвори Париската модна недела. Тој уште еднаш докажа дека преку совршените кроеви, изборот на деликатни материјали и бои знае да го исполни сонот на секоја девојка. Клаудија Галанти со својот изглед го најави големото враќање на ѕвонестите панталони, а Елза Зиберстеин одбра молив здолниште во бела боја и транспарентна кошула.
Оценката за официјално завршената Париска модна недела го однесе епитетот на гламурот и софистицираноста, како за дизајнерите, така и за посетителите. Достоинствено и уникатно, беа презентирани пролетните колекции на најпознатите модни конгломерати во светот, кои и овој пат беа доследни на своите стилови, што ќе ја одбележат оваа пролетно-летна сезона со широк спектар на стилови, бои, кроеви, форми и невообичаени комбинации. Како најредовен посетител на скоро сите модни промоции дефинитивно ќе ја прогласиме Олга Кириленко, која беше вистински моден камелеон и промовираше стил кој секоја млада дама треба да го негува.