Македонија беше дел од Форумот за креативни индустрии во Полска

18 јули 2018

Полска беше домаќин на неодамна одржаниот Форум за креативни индустрии, каде и Македонија имаше свои претставници, дизајнерите и професори, Лидија Георгиева и Никола Ефтимов.

Ова беше и повеќе од добар повод да поразговараме со нив, да ни ги пренесат нивните впечатоци, како и тоа да се потенцира бенефитот и важноста да се биде дел од ваков тип настани.

-Тоа е форум на експерти од разни профили, инволвирани во креативните индустрии, со потекло од 16 земји од Централна и Источна Европа, плус Кина, односно тнр. 16+1. Ова е трет собир од ваков карактер, првиот се одржал во Србија, па во Кина, а оваа година Полска беше домаќинот, поточно градовите Лоѓ и Катовице.  Агендата беше исклучително набиена со содржини, беа одржани презентации - сите доста збогатувачки на свој начин, бидејќи даваат интересна глобална перспектива на состојбите во културата и образованието. Темите беа навистина интересни, тргнувајќи од полето на дизајн, па до музика, филм... Основната цел е да се вкрстат во било каков формат на соработка експертите кои се најдоа таму. Беа присутни околу 80 делегати и тоа е одлична иницијатива која дава можност да се сретнат на исто место луѓе од разни земји, да разменат искуства и доколку има заеднички јазик да се обидат да осмислат проект кој би бил остварлив во блиска иднина – секако развивање соработка е од корист за сите – објаснува Георгиева.

Позитивните впечатоци ги дели и Ефтимов.

- Искуството од форумот во Полска е многу драгоцено, во пракса, после долго време сведочев на врвен професионализам од аспект на организација, избор на теми, посета на локации и културни настани. Покрај професионалниот дел, Пољаците го докажаа на дело нивното познато гостопримство, особено од аспект на сместувањето, изборот на храна, можноста да се присуствува на концери на сериозна и поп музика, проекции на филмови итн. Форумот свечено го отвори полскиот вицепремиер и министер за култура и национално наследство, професорот Пјотр Глински – вели дизајнерот.

Лидија потенцираше дека посебно ја воодушевила можноста да ги откријат прекрасно ревитализираните објекти во Лоѓ.

-Имавме можност да видиме поранешни текстилни фабрики од црвена цигла карактеристична за стилот во времето на  индустриската револуција. Со помош на средства од европски фондови, сега тие згради се со исчистени фасади и претворени во Музеј на современа уметност, економска зона, луксузен хотел или 6.000 м2 Арт инкубатор со разни ателјеа за керамика, стакло, ткаење, печатење, галериски простор итн. Морам да кажам дека им завудвав на мудроста и љубовта со која се однесуваат кон нивната традиција и културно наследство и како тоа го интегрираат во разни содржини со супер модерен дизајн – посочува Лидија.

Престојот во Полска вклучувал и посета на работилници во кои тековно се создаваат дизајнерски производи, фундуси со филмски костими и реквизити, работилници за конзервација и присуство на многу културни настани

Креативна ревитализација е темата која обедини бројни експерти учесници на форумот, а со цел да се потенцира мултидисциплинарниот карактер на креативната ревитализација.

-На форумот активно учествуваа експерти од различни области на културното и креативно делување  како:  универзитетски професори, дизајнери од различни дизајнерски области, професионалци од филмската индустрија, музиката, архитектурата, конзервацијата и дигитализацијата на културното наследство итн. Интензивната програма на форумот опфаќаше сесии на следните теми:  урбаната ревитализација преку креативните индустрии; моделите на соработка во дизајн секторот; филмот, новите медиуми, видео игрите и регионалната соработка; улогата на музичкиот сектор во урбаната ревитализација и создавање на платформи за вмрежување;  мобилноста во културата и мобилноста во образованието. Целта на форумот беше да го потенцира мултидисциплинарниот карактер на креативната ревитализација, да се споделат искуствата од сработеното во различните области на културното и креативно делување во регионот и Кина  и постават нови теми за дискусија и размисли за нови, подлабоки соработки меѓу претставници од земјите учеснички – објаснува Ефтимов.

И двајцата професори и дизајнери беа дел од форумот по препорака и покана на Министерството за култура на Република Македонија, односно Координативниот Центар за Културна Соработка со Кина - ЗЦИЕ во Скопје како докажани професионалци во соодветните области.

- Покрај секојдневното присуство на сите работни сесии, на сите теми, на завршните дискусии посветени на мобилноста во културата и мобилноста во образованието, а кои поради обемноста на темите беа организирани одделно, со колешката Лидија Георгиева решивме да присуствуваме одделно на секоја од нив, како нашата земја би била присутна и на двете средби. Мојот избор беше мобилноста во културата. Ја имав можноста да ги проследам искуствата од директни учесници и организатори на различни проекти, но зедов и активно учество во дискусијата од која произлегоа и дел од заклучоците вградени во завршните документи на форумот, по ова прашање. Не е за потценување и улогата што со колешката Георгиева ја направивме во однос на регионалното вмрежување и првични договори за соработки со претставници од различните земји – вели Никола.

Позитивни реакции стасале и на адреса на професорката Георгиева за успешната презентацијата.

-Мојата презентација беше осврт кон иновативните начини на пренесување на знаење во областа на дизајнот, односно новите методи во образованието кои се појавуваат како последица на екстремната динамика во технолошкиот развој и глобализацијата. Во вакви околности, покрај знаењето и талентот, адаптацијата е битна вештина, па тука ги вклучив резултатите и активностите кои ги имаме со моите студенти на ТМФ. Со задовлоство и гордост ќе потенцирам дека добив доста позитивни реакции, во текот на наредните денови сите ми приоѓаа со комплименти, прашања, идеи и желба за соработка – споделува Лидија.

На крај, на прашањето, како ова позитивни искуство може да се рефлектира во нашето национално, локално опкружување, Никола ќе каже:

- Земјата домаќин- Полска има огромно искуство во однос на креативната ревитализација, негување на културните традиции, но и од аспект на тимска структуираност, со високо професионални бирократи кои подготвуваат сериозни проекти, тимови за реализација и имплементација. Сето ова, особено во контекст на реалноста на Европската Унија. Полска е и добар пример за тоа како креативните и културни индустрии можат да генерираат високи приходи и создадат локални и извозни продукти. Од голема вредност беше и следењето на фасцинантните достгигнувања на Кина во овие индустрии.
Секако, ваквите искуства од интернационални форуми даваат сознанија кои би можеле да бидат имплементирани и во нашиот локален контекст, но можеби највредното нешто (што веќе го имавме осознанено и поради личните интернационални искуства) е важноста на тимската работа, формирање на интердисциплинарни тимови, важноста од добрите бирократи и кревање на културните и креативни индустрии на ниво на сериозна национална стратегија и еден од нашите приоритети.

Објавено:
18 јули 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
425 пати