„Обликот ме дефинира" или „Shapes define me" е изложба на модни дизајни и фотографии која се одржа во рамки на настанот „Синтеза" на десетти декември во Амбасадата на РСМ во Париз, а беше подржана и од Министерството за Култура. Зад реализација на изложбата стојат Ангела Доневска, Даниела Ѓуровска, Марјан Бебекоски и Медаин Аслан кои работеа под менторство на Професор Лидија Георгиева од ТМФ-УКИМ.
-Тргнувајќи од помислата како сите се разликуваме во естетиката и црпиме инспирација од разни извори на исти теми, а воедно размислуваме на иста фрекфенција, се роди идејата за "Обликот ме дефинира". Целта на оваа изложба е интерпретација и спознавање на културното наследство од нашата земја и македонската традиција, со техники, облици и силуети кои се нишка помеѓу минатото и современиот дизајн, велат перспективните креатори.
Идејата била оваа разнолика колекција да ја овековечат со фотосесија, во чиј фокус ќе биде урбаниот начин на стилизирање, воедно со оддавање почит кон традиционалните елементи. Фотографиите послужија во корист на пренесување на пораката - Зачувувањето на културното наследство е „ИН", а истите се дело на фотографот Ненад Тасевски.
Марјан Бебекоски
„Во многувековната македонска традиција која се испреплетува со јазичниот наратив, создава лепеза- спектар од убавини што директно произлегува од она што се нарекува спој меѓу животот и смртта. Мојот творечки порив го пронајдов во богатството од македонскиот фолклор, во чии метафори подеднакво зрачи духовниот дострел на македонскиот човек и најтешкиот живот да го претвори во вез и облека што ќе зрачат со смислата за негово и нашето постоење. "
Даниела Ѓуровска
„ Барајќи инспирација во сите сегменти на културното наследство се осврнав на оние техники кои за жал се во изумирување кај нас. Најинспиративни за мене беа амблемите. Кројот на носиите во фолклорот во Македонија го интерпретирав на еден елегантен начин можеби и неочекуван. Стилизирани со народни мотиви, ракотворби и користење на текстилни бои, предизвик ми беше да традиционалниот идентитет го преточам во современиот моден дизајн.
Ангела Доневска
„ Дизајните се инспирирани од уметнички и рустични елементи карактеристични за македонските черги и носии. Примената на плетенини и ткаенини во дизајните е со цел - подигање на свеста во современата урбана култура за вредностите на традиционалните занаети, бидејќи нивна вистинска ревитализација е можна само доколку се најде начин за нивно инкорпорирање во современиот стил на живот и современите начини на творење како одговор на динамиката на модните трендови."
Медаин Аслан
„ Декорациите на ентериерот и на ѕидовите од екстериерот на „Шарената Џамија" отсликуваат низа геометриски мотиви како и мотиви од флората. Надворешните страни, столбните декорации, внатрешните ѕидови, балконите, мирхаби и кубето се декорирани во секо техника. Внатрешноста на паноата е декорирана со круг чија внатрешност е во мотив на ѕвезда со 16 краци. Токму овие елементи се интерпретирани во дизајните преку реалистичен принт."