По конкурсот за учество во проектот „New Wave by Maybeline New York“ на кој конкурираа 162 фотографи од Балканот, но и од неколку други европски земји, креативниот тим и менторот на проектот Миша Обрадовиќ меѓу десетте финалисти го избра и македонскиот фотограф Жарко Чулиќ. Во листата најдобри вклучени се и имињата на Марта Лихтерск од Лондон, Јована Младеновиќ, Миомир Милиќ, Милица Мрвиќ, Даниел Павловиќ, Јована Рикало, Јелена Јанковиќ, сите од Србија, како и Ивана Павлиша и Дорис Фатур од Хрватска.
Секој фотограф имаше задача да изработи едиторијал на конкретна тема инспирирана од шминка, филм, музика и различни животни стилови, додека нивните финални дела ќе го разубавуваат градот поставени на 20 возила од градскиот превоз во Белград, како и на 10 билборди и тоа од 15-ти септември. Едиторијалите се реализирани на различни локации низ Србија, додека еден е изработен во Лондон, што всушност е чекор кон воспоставување на првиот меѓународен проект во доменот на модната фотографија во Србија. Покрај поставувањето на фотографиите низ Белград, истите ќе бидат објавени и во изданието на магазинот „Joy“, а најдобриот од сите ќе изработи едиторија за Хуго Бос.
За целите на проектот ќе се организира и голема изложба на 14-ти септември во „Супермаркет Концепт Стор“ каде ќе биде изложена по една фотографија од секој финалист.
Покрај брендот „Maybelline New York“, кој е главен спонзор, проектот го поддржаа и уште неколку партнери како и 20-тина српски дизајнери. Пред се;, целта на овој фото-проект е афирмација и промоција на новиот бран фотографи од регионот, воспоставување соработка меѓу новите модни креативци, како и заживување на јавниот простор со уметнички содржини. Освен промоцијата на новите модни фотографи, проектот се залага да им овозможи прилика да го поминат процесот на работа во професионални услови, за одреден рок и според барањата на клиентите.