Миу Миу ги спои модата и природата

17 ноември 2014

Рекламната кампања за ресорт колекцијата 2015 на модниот бренд Миу Миу, изненади со инвентивните фотографски кадри и неверојатните преливи на бои и декорации.

Со цел да направи нешто кое визуелно ќе се разликува од естетскиот потпис на останатите модни куќи, креативниот тим на Миу Миу реши фотографиите за новата ресорт колекција 2015 да ги подели на два дела, кои  споени заедно создаваат една целина. Од десната страна на сликите се наоѓа маркантната црвенокоса манекенка Натали Вестлинг, а на левата страна од фотографијата е вметнат соодветен апстрактен пејсаж или градежни креативно поставени реквизити.

Идејата на фотографот Џејми Хокесворт е да постигне конта -ефект. На првата фотографија тој ги предизвикува оголеното дрво од едната страна и манекенката од другата. Овој минималистички кадар потполно е во контраст со Натали која е облечена во блуза и панталони декорирани со психоделичен принт и таа изгледа како да е штотуку излезена од 1960 – тите години на минатиот век и совршено се вклопува во целосната визија.

Во слична необична и сосема различна атмосфера се реализирани и другите фотографии кои навистина презентираат една поинаква естетика не само од фотографски, туку и од моден аспект. Оваа кампања е доказ дека модата го „зборува“ универзалниот јазик и може да се комбинира во безброј средини, амбиенти, предмети, принтови и парчиња облека.

 

Објавено:
17 ноември 2014
Категорија: 
Актуел