Модната куќа Елена Лука го оствари сонот на уште една матурантка

8 мај 2014

Во периодот за кој четири години сонуваат повеќето од девојките, модната куќа Елена Лука го олесни изборот на совршената тоалета за матурската вечер на прекрасната скопјанка Ивона Мицевска.

Токму Ивона, матурантка од скопската гимназија Раде Јовчевски Корчагин, ја имаше честа сосема случајно, преку наградната игра на магазинот „Свет“ да добие фустан по избор за, според многумина, еден од најважните моменти во животот.

Сосема едноставна, но истовремено неверојатно уникатна, младата Ивона одбра елегантен фустан до колена во супер пролетна, беж боја, со транспарентен горен дел и со уникатни, рачно поставени детали што внесоа неверојатен свеж и младешки дух како што и ѝ прилега на годините на Ивона.

„Многу сум задоволна од изборот. Морам да кажам дека тимот на Елена Лука многу професионално пристапи кон целата работа, многу ми помогнаа и можам да кажам дека крајниот резултат многу ми се допаѓа. Овој фустан е нешто што не го замислував првично, но мислам дека одлично ми прилега. Искрено, морам да кажам дека ова не е мојот стил, бидејќи пред сѐ сум спортски тип, но дефинитивно мора да се внесе некоја промена и да се експериментира. Важно е што на крајот сите сме задоволни“, изјави за Fashionel Ивона која што во атељето на модната куќа Елена Лука си ја подигна наградата.

Тимот на модната куќа Елена Лука за Fashionel посочи дека со особена чест и задоволство работеле со Ивона и на крајот го добиле посакуваниот резултат, од кој пред сѐ, Ивона е задоволна.

„ Елена Лука секогаш ги поддржуваме матурантите, па така и овојпат, одлучивме да соработуваме со магазинот Свет и да бидеме дел од нивната наградна игра во која доделивме еден фустан за една матурантка. Пред сѐ, ја сослушавме нејзината желба, што таа всушност би сакала да носи на тој ден, потоа според нејзината градба ние како тим, одбравме неколку фустани, и на крајот секако, според нејзината желба и нашите совети, го одбравме конкретниот модел“, вели Светлана Ромева – менаџер за продажба во модната куќа Елена Лука.

Бидејќи сме во екот на сезоната на матури, ја прашавме Светлана што оваа година бараат матурантите и колку се тие одлучни и знаат што сакаат.

„Изборот е различен, некои девојки бараат куси фустани, некои долги, некои по обични, некои позаводливи, но сепак на крајот секогаш е прашање на вкус. Ние сме тука како тим, како дизајнери и секогаш им даваме наши предлози и идеи за тоа како да изгледаат и многу често матурантите ги прифаќаат нашите совети. Се случува да дојдат со готови модели, ја следат и нашата работа и нашите нови модели, но најважно од сѐ е што секогаш си заминуваат задоволни“, вели Светлана за Fashionel.

На доделувањето на наградата во модната куќа Елена Лука беше и Маја Велјановска, новинар и претставник од магазинот Свет.

„Морам да кажам дека оваа година имавме повеќе матурантки, а само еден матурант, за жал! Тоа е така веројатно затоа што сите се некако покреативни кога треба да се облекува матурантка (се смее). Во наградната игра беа одбрани пет девојки и едно момче кои добија комплетен стајлинг за нивната матурска вечер. Меѓу наградените, се најде и Ивона која што доби фустан од модната куќа Елена Лука. Ова не е прва соработка со модната куќа Елена Лука. Бидејќи е една од водечките модни куќи во државава, имаме постојана соработка, тоа беше случај и кога работевме како Грација, токму Елена Лука беше една од модните куќи со кои најмногу соработувавме. Соработката продолжи и со магазинот Свет. Морам да споменам дека сите знаеме дека многу пејачи, актери и луѓе од јавниот живот се облекуваат во Елена Лука, и нормално следствено на тоа, тие се вистински пример за квалитетот. Сите матуранти се особено среќни од наградите, бидејќи истите, дефинитивно им ја олеснија потрагата по избор за облека за матурската вечер“, вели Маја.

Објавено:
8 мај 2014
Категорија: 
Актуел