Модните апсурди станаа трендови: Чудната комбинација на Сара Џесика Паркер

24 февруари 2021

Не дека сме изненадени од која било комбинација на Сара Џесика Паркер. Сепак, станува збор за жената која 6 сезони и два филма ја толкуваше Кери Бредшо во Сексот и градот, а да се разбереме, Кери Бредшо имаше неколку чудни модни комбинации.

Сара Џесика Паркер не е фанатик на минимализмот, а тоа го докажа и пред неколку дена, кога во својата продавница за чевли во центарот на Њујорк, парадираше вака:

Акварелно-бледа карирана кошула со розови и сини тонови над која беше ставила црн фустан со црвени и жолти везени цветови, со шарена маска со синџирче и беж капут. Сето ова, украсено со еден од најапсурдните моменти во модата - розови чорапи со црвеното лого на брендот Гучи и црвени високи потпетици.

Дури и за Сара Џесика, ова е премногу, иако не сме ништо против комбинирање принтови, тема која во минатото беше уште еден моден апсурд.

Но, додека можеби некако можеме да се помириме со цветен принт + карирано или пруги + точки или графички + животински принт, комбинирањето чорапи и високи потпетици е тема која бара мала дискусија.

Она што претходно беше резервирано за туристите кои го шетаа светот (во сандали и бели чорапи) сега изгледа дека е општоприфатен тренд и од дизајнерите и од трендсетерите. 

Биркинсток папучите само ја чекаат пролетта за да излезат во комбинација со чорапи, а тој тренд на комбинирање го нагласија од Макс Мара до Прада. Шанел, минатата сезона лансираше хулахопки со препознатливото лого двојно С кои чинеа дури 2.700 долари.

Дали модата почнува да се сведува на прифаќање на апсурди? Дали апсурдот се претвора во тренд, во оној момент кога на нив ќе се залепи препознатливо лого, да речеме, на Живанши? До каде сме подготвени да отстапуваме од сопствените граници на прифатливо и дали секој, ама баш секој тренд би требало да се прифати? И дали ефектот би бил ист ако брендираната чорапа ја замениме со обична? Ако баш сакате да го прифатите овој тренд, еве неколку ваши истомисленици и како тие го имплементираат.

Објавено:
24 февруари 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
757 пати