Модните додатоци – модни недостатоци на FWSK 2013

2 ноември 2013

Во создавањето на комплетната визија  за една дизајнерска креација, покрај нејзината компактибилност со изборот на шминка и фризура и соодветниот модел , огромно е значењето на модните аксесоари кои не само што го финишираат изгледот, туку не ретко имаат клучна улога во создавањето на првиот впечаток.

Модните додатоци се можеби најзначајниот сегмент преку кој ја потенцираме индивидуалноста во нашиот стил, но со сигурност се неизбежни кога се работи за професионална промоција на дизајнерска колекција, се разбира онаму каде што моделите тоа го дозволуваат.

Можеби е нереална споредбата со модните случувања кои се организираат во светските метрополи, но доколку би немале репер сигурно  тоа би било хендикеп кој  би ги ограничувал нашите визии во организацијата на професионалните презентации на мода, па така за пример би посочиле дека  во  светски рамки,  за модните викенди се дизајнираат специјални едиции на модни додатоци единствено наменети за конкретна колекција, независно дали тоа го прави самата дизајнерска куќа или се склучуваат договори со други соработници. Повторувањето на аксесоарите од некоја помината сезона се смета за аматерски потег.

На осмото издание на Модниот викенд  во Скопје, со неколку исклучоци,  не видовме некоја впечатлива иновација во однос на изборот на аксесоари. Сигурно дека вниманието било комплетно фокусирано на изработката на моделите, но целосно се изгубил фокусот од потребата моделот да се збогати со соодветни аксесоари што секако би доловило повпечатлива претстава.

Напротив, на поголем дел од ревиите, манекенките прошетаа со истите чевли иако можеби концептот на дизајнерската колекција тоа не го дозволувал. Дури имаше случaи кога една манекенка на различни ревии ги носеше буквално истите чизми до глужд, што со некои креации воопшто не  одговараа.

И покрај тоа што чантите се задолжителен практичен и моден аксесоар, освен во ревијата на Никола Ефтимов каде ни презентираше неколку различни форми на мини чанти за преку рамо и такви со кратка рачка  и во комерцијалната едиција на Fashion group, во другите колекции не видовме предлог чанти кои најсоодветно би се вклопиле во тематиката.

Масивниот накит и минималистичкиот со геометриски концепирани форми беа хит на неодамна одржаните модни викенди во повеќе модни метрополи и фокусот, особено на уличната мода беше насочен токму кон накитот. И во однос на тој дел видливо изостануваме, со чест на исклучоците. Во колекцијата на Мила Кадриу видовме масивни алки и орглици кои за потребите на оваа ревија во духот на ориентот биле донесени од Индија, Бобан Илиевски својата колекција ја нагласи со футуристички накит, а со дискретен  беше надополнета и колекцијата на Антонија Ристовска.

Дизајнерите кои инспирацијата ја побараа во романтичните 50-60 години од минатиот век, ја нагласија половината на женската силуета со ремени. Тенки ремени ги потенцираа дизајнерските парчиња на Росица Мршиќ, Ивана Цветковска и Стефанија Насеска, додека кај Мршиќ и младиот Илиевски видовме комбинации од мали шапки и фризури кои асоцираа на такви со мрежа пред очите, надополнети со кожени дамски ракавици кои во повеќе бои и должини ги видовме и во колекцијата на Стилисимо.

Комплетниот впечаток е дека модните додатоци недостасуваа на оваа издание на Модниот викенд. Недостасуваше посветено внимание на мали моменти кои многу значат особено кога автентичните дизајнерски колекции се во прашање и нивно збогатување во очите и фантазијата на публиката. Секогаш треба да се земат  предвид и можностите и ограниченото време со кое располагаат дизајнерите, па во тој сегмент можат да се потпрат на организаторите.

 

Објавено:
2 ноември 2013
Категорија: 
Актуел