Нови креативни директори на Гучи и Версус

21 јануари 2015

Пред се, Фрида Џанини го напушти местото на креативен директор во модната куќа Гучи и тоа порано од очекуваното, па машката колекција за сезоната есен – зима 2015 година во Милано, беше дело на креативниот тим на брендот, предводен од Алесандро Мишел. Главниот дизајнер за модни додатоци, сосема заслужно ќе застане на креативната функција, откако успеа колекцијата да ја подготви за пет дена. Иако Алесандро до сега и беше речиси непознат на јавноста, од него се очекува да ги исполни очекувањата на модната куќа. Дизајнерот претходно беше креативен директор на Ричард Гинори, компанија која се бави со производство на порцелан, а која беше купена од Гучи во 2013 година.

Промени има и во брендот Версус која е дел од семејството Версаче. Донатела претходно соработуваше со Џонатан Андерсон и пејачката MIA за лансирање на капсулни колекции, но откако Антони Вакарело, кој претходно беше дел од креативниот тим за машката и женска линија на брендот, се претстави во септември со своја колекција, дизајнерката реши лично да се запознае со него. Таа била импресионирана од неговиот талент и креативност, која се вклопува во тематиката на Версус.Токму затоа Вакарело е назначен за креативен директор на брендот Версус, чиј сензибилтет е негувањето на модата од 90-тите години, со задржување на младешкиот дух, наменет за помладата популација. Сега за сега, не се знае дали ќе се промени целосно модниот печат на Версус или Антони ќе продолжи со истата идејна тематика.

Објавено:
21 јануари 2015
Категорија: 
Актуел