Од „Валентино“ се извинуваат што го искористиле погребот на Филип Сејмур Хофман за сопствена реклама

10 февруари 2014

Модната куќа „Валентино“ издаде соопштение со кое се извинува поради тоа што го искористиле погребот на актерот Филип Сејмур Хофман, за промоција на сопствена чанта, пренесува магазинот „Тајм“. Италијанскиот бренд предизвика негативни коментари во јавноста, откако им испрати мејл на новинарите и блогерите со фотографија од актерката Ејми Адамс, која на погребот на нејзиниот колега носи чанта на „Валентино“.

-Со гордост ја претставуваме Ејми Адамс со чантата „ Valentino Garavany Rockstud“ за сезоната пролет-лето 2014, фотографирана на 6-ти февруари во Њујорк, гласело соопштението до новинарите и блогерите.

Портпаролот на актерката Адамс, изјавува дека таа воопшто не знаела дека нејзина фотографија ќе биде употребена на таков начин.

Веднаш потоа свесни за грешката и реакциите на луѓето, од Валентино се извинија за ваквата постапка.

-Искрено жалиме поради објавувањето на фотографијата со Ејми Адамс која носи чанта од нашата етикета. Не знаевме дека е фотографирана во текот на погребот на Филип Сеумур Хофман. Станува збор за ненамерна грешка и се извинуваме на госпоѓицата Адамс која не знаеше за нашата постапка, соопштуваат од „Валентино“.

Објавено:
10 февруари 2014
Категорија: 
Актуел