Последниот ден од 17. издание на Моден викенд Скопје беше резервиран за пет ревии. Секој од дизајнерите се потруди да ја претстави својата инспирација преточена во креација на што повпечатлив начин. 

Вечерта ја отвори младата дизајнерка Сара Реџиќ, која твори под името „Sari Gi“ со колекцијата „La vie en rose“. Со звуците од истоимената песна, на сцената се појавија манекенките носејќи креации што во себе содржеа и винтиџ елементи. Дизајнерката ќе рече дека инспирацијата за колекцијата ја нашла во жената, која има потреба од време на време да избега од секојдневнието и да намине во својот „живот во розово“, каде би ги носела токму креациите што младата дизајнерка ги презентираше. 

Сара Реџиќ

Сара Реџиќ

Таа освен со различните тканини се поигра и со боите, забележливо беше присуството и на цветниот принт, како и ткаенини со рачно сликани написи или принт.

После неа следеше колекцијата „Modish“ на гостинката од Косово, „Yilka Brada“. На пистата видовме урбани и тренди комбинации, каде доминираат светкавите креации и светлите, пролетни бои. Секоја од комбинациите, без разлика на тоа дали има посвечен тон или посекојдневен, беше искомбинирана со спортски обувки. Објаснувањето за ваквиот спој може да се најде во намерата на дизајнерката преку оваа колекција да дадае фокус на уникатниот начин на изразување, пред сè стилско, а притоа да не се грижиме за очекувањата на другите.

Yilka Brada

Yilka Brada

Јагода Пачемска од арт-студиото „Фа-Бу“ која со години изработува најразлични дела прикажа нови уникатни креации изработени од свежо цвеќе, а после следеше „Ателје Магдалена“.

„Фа-Бу“

За своето прво претставување на Моден викенд Скопје, „Ателје Магдалена“ одлучи тоа да биде колекцијата „Будење“. Како појдовна точка при создавањето на колекцијата е земен „Женскиот фундамент и љубовта, потребата да се биде свој, а различниот спектар на креации е всушност врската што го спојува контрастото помеѓу нежната и силната страна на жената. 

„Ателје Магдалена“

„Ателје Магдалена“

Честа да го затвори ова пролетно издание на Моден викенд Скопје ја имаше дизајнерката Олгица Ѓорѓиева. Ревијата започна со перформанс на модел облечен како гејша, со движења карактеристични за овие жени, по што следеа креациите, а во синхронизација со цитати од книгата „Мемоарите на една гејша“, од каде всушност и потекнува инспирацијата на дизајнерката.

Огица Ѓоргиева

Олгица всушност создаде една современа варијанта на гејшите и нивната префинетост, па видовме креации со чисти линии, минималистички пристап, каде доминираат белите и црвени тонови, со на моменти впечатливи детали и принтови. Акцентот е ставен на практичноста, актуелноста и комерцијалноста, па секое од парчињата од колекцијата може да се комбинира измеѓу себе.

Огица Ѓоргиева

Во текот на трите дена, присутните имаа можност да ги видат креациите од студентите од Институтот за дизајн и инженеринг на облека на „Технолошко-металуршкиот факултет“, а во соработка со Француски институт каде и првично беа претставени. Студентите работат под менторство на професорката и дизајнерка Лидија Георгиева.

 За потсетување, Моден викенд Скопје за сезоната пролет-лето 2018, се одржуваше од 30 март до 1 април под мотото „What feeds your imagination?“, а во просториите на Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.

Објавено:
2 април 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
547 пати